Ниту сум „за“, ниту пак „против“ абортусот.
Сум за имање право на избор. Во ситуации во коишто треба да одберам меѓу „за“ и „против“, се обидувам да се ставам на местото на личноста и не сакам да сум категорична, затоа што не ретко те стигнува она од коешто бегаш. Тоа е начин на животов да ти покаже дека си човек и не можеш да бидеш посилен од 1 човек.
Многумина ја прават оваа грешка: наместо да се обидат да се стават во кожа на личноста којашто минува низ сето тоа, се споредуваат во однос на некое нивно слично искуство. Ниту една бременост не е иста. Не постојат две сосема исти околности под кои се случила несаканата бременост, затоа што се многу персонализирани, поради тоа што се измешани со личните чувства, состојби, ситуации, окружувањето и поддршката од истото, односи со луѓето итн.
Ниту пак се сметам за помалку религиозна доколку не сум pro-life за сите по секоја цена. Напротив, свесна сум дека штом сум одбрала таква насока во животот, не можам да бидам ништо повеќе од ученик (и тоа најверојатно слаб ученик) во истиот и не смеам да си дадам за право некого да осудувам поради неговите избори, затоа што ја немам неговата сила, неговите емоции и неговата ситуација. Тој мој правец може да влијае на мојот личен избор, не на моето мислење за туѓиот избор. Може да влијае само на мојата љубов и поддршка кон ближниот и врз помошта што поскоро да ја преброди таа лоша епизода во неговиот живот.
Што се однесува до мене, никогаш не би сакала такво нешто за себе. Не сакам да направам такво нешто, од оваа перспектива, не би можела да функционирам како што треба по такво нешто. Но, не можам да изигрувам пророк и да велам „никогаш нема“, токму поради тоа што сум свесна дека сум послаба од животот, како и секој човек и покрај сиот наш труд.