Еве поопширно
Бондирањето спаѓа во поновите техники за корекција на изгледот на забите и е една од најважните и најчесто користените процедури. Со оваа техника се поправаат оштетените делови, се менуваат старите пломби со естетски материјали за полнења кои се нанесуваат на паста од композитна смола. Таа е во различни нијанси и се стврднува многу брзо кога се изложува на ултравиолетова светлина. Може да се исполира и измазни, а сјајот е идентичен со сјајот на природните заби.
Како се изведува бондирањето?
Во последните триесетина години беа развиени различни видови бондинг-системи, кои овозможуваат сигурно и безбедно поставување на материјалите без големо стружење на забот. Бондираните реставрации се отпорни кон поголем притисок без опасност од кршење. Со нив се "заштедува" голем дел од здравата забна структура. Техниката на бондирање е идеална за реставрирање на напрснатите или скршени заби, скриено обојување под површината на забите, но и за затворање на малите простори меѓу забите.
Третманот на бондирање е многу пократок и поевтин во споредба со протетските коронки и ламинати. Подготовката на забот за бондирање се состои во мало состружување на површината и премачкување со течност за бондирање. Течноста прави микропукнатини во површината, за да може да се сврзе (бондира) бондингот - реставративниот материјал со забната структура. Во зависност од проблемот на забот, стоматологот одлучува дали ќе постави композитна смола, акрилни или порцелански ламинати. Композитната смеса се обликува во саканата форма, се дотерува и полира, со што се добива убав и природен изглед на забот. Целата постапка комплетно се завршува со еден третман и кај најголем дел од случаите се изведува без локална анестезија.
За акрилните и порцеланските ламинати се користат истите смолести материјали како кај бондирањето, кои се употребуваат и за предните површини на забите.
Предности на композитите
Естетскиот изглед е најголема предност, бидејќи бојата на композитот се избира според бојата на забот на кој се поставува. Затоа поправката е сосема вклопена во природниот изглед на забот. Композитот се бондира, се сврзува со забната супстанција, го зацврстува останатиот дел од забот заштитувајќи го од кршење. Истовремено има улога и на изолатор од температурни промени од храната. Композитните материјали се релативно евтини, а композитните смоли се во различни бои и нијанси, така што може да се направи најсоодветен избор на бојата на композитот со бојата на природниот заб. Со правилна и внимателна нега на забите со композитни реставрации се обезбедува нивна долготрајност. Бондираните заби, треба секојдневно да се четкаат со четка и паста за заби и со забен конец. Ова особено се однесува на пациентите што пијат кафе, чај и пушат цигари, бидејќи од кофеинот и никотинот потемнува композитниот материјал. Композитните реставрации имаат покус век на траење, споредено со порцеланските ламинати или коронки. Затоа треба да се "обновуваат" на секои пет до десет години.
Биди раат, безболно е а забите ќе ти бидат пуфче