Пробав да се навратам на поезијата што престанав да ја пишувам после тебе. Tаа ме правеше среќна некогаш. Ниту еден стих, реков. Но ги отклучив зараснатите бразди засадени со плевел само за да не остават трага. Иако пробав да се правам дека те заборавам, секогаш завршуваш во моите растреперени дланки. Го слушам звукот на капките одалеку. Удираат по железните синџири на времето. Мрачното небо го покрева алармот. А скршената рака повторно почнува да ме заболува. Бура се ближи. А дождот како отворен споменар почнува да истура. Почнувам да се смеам. Гласно,на сиот глас. Од страв и сеќавања. Ти секогаш си мирисот пред да заврне. А бурата и хаосот што таа го носи со себе е сето што останува после. Неа јa чувствувам како удар од камшик. Полека доаѓа, силно заболува и остава црвенило на душата која била пргава и непослушна зошто некогаш љубела. Нема проблем, си велам. Се навикнав. Болката сега ме прави недопирлива. Јас сум болка. Свикнав на неа.
Ќе разговараме за тоа, ако тоа тебе те прави помалку тажен. Зошто никогаш и не сакав да си, ниту те помнам како таков. Можеш да ми кажеш колку подмолна станав и како ја уништив сета наша среќна приказна иако беше кратка. Како ги превртив по стопати во глава сите наши караници во примирје само да уживам повеќе во тебе. Сите книги - за кориците на твоите рамена. Сета смеа - за серозни погледи во тишина и страв дека можам да те изгубам.
Сфаќам, созреав пораснав од тогаш. А тоа повеќе ме боли. Повеќе од сe’. Не патам по пласебото за мојата душа. Туку за нешто што неправедно ми е одземено.
И не, не ми го скрши ти срцето. Ниту било кое цвеќе што мириса на тебе. Животот ми ги скрши крилата, а тебе те остави високо на небото. За да можам само да те гледам но не и да ти се приклучам во летот.Да чмаам во кафезот-живот, со скршени крила и сиот тој поглед во небесата, птиците и металните бои на облаците. Знаев како да летам еднаш. Знаев и да дишам со полни гради, еднаш. Знаев да се наквасам низ облаците но вешто да ги избегнам. Да да. И тоа беше еднаш. Знаев да ја мирисам среќата на дождот пред да заврне. Сега само пафтам со крилцата како да некогаш ќе пролетам. О, кутра душо дали ќе знаеш да леташ одкако ќе ги напуштиш металните зандани? Дали ќе се сетиш на танцот на крилата?
Немам зборови со кои можам да го опишам чекањето на нешто што никогаш нема да се повтори. Никогаш. Јас ќе ја исушам денешната бура. Ќе ја стегнам силно главата во перницата за она што боли и вика низ моите очи немо и проклето да замолкне во ноќта. Барем накратко. Барем до утре. Утре се’ ќе е поинаку. Повторно ќе ја возвраќам насмевката на светот околу мене криејќи ја под здолништето засушената кал од под моите колена која секоја вечер ме треснува од земја и ја валка мојата перница.
А утревечер, уште една бура се подготвува. Потворно клучот ќе се заврти во клучалката полна со нафрлена непрокопсана рѓа. Ова не е списка на нова јас со кревка резолуција. Само за да почувствувам маченичка љубов.
И љубов ќе бидеш.
Единствена.
Засекогаш.