Се рушам повторно.
Се рушам како песочна фигура, се распаѓам, како кога дете ќе си поигра и ќе ја турне со ногата, и се тоа низ игра, со насмевка. Зрно по зрно чувствата се ронат но не престануваат да се зголемуваат, а ветрот ми ги фрла во очи и пече, проклето пече.
Останува само дел од мене да постои, оној кој пркоси, како фасада за љубопитните. Болат погледите во душава откриена, разголена пред светот, оживеана за повторно да умре. И боли, боли секој нареден пат, се посилно. Боли осаменоста, а љубовта уште повеќе. И она чувство на неприпаѓање никаде, никому, никогаш....
Се восхитувам на болката, толку е постојана.
Телото живо, а скаменета душа, над која го завршуваат својот лет птиците грабливки. Се ежам од крикот, барајќи ја во себе последната солза, да го покрене пулсирачкото бранување во вениве, да ја почувствувам крвта како удира во ѕидовите. Да ми вдахне надеж за услишување на молитвите за спокој, за патоказ кон мирот во душата.