Одим низ парк со две другарки и наеднаш слушаме, галама, урлање пукање итн, за набрзо да сконтаме дека има утакмица на стадион. По кратка дискусија и мое убедување да не одиме, се најдовме внатре. Пред да влеземе нормално прашавме дали ќе не пуштат затоа што бевме без карти, а чичкото ни вика, "ама ова е влез за западна!" Мене во тој момент ми се враќаат некои слики во глава од пред 10тина години кога погрешка со други две другарки се најдовме на таа трибина, одма викам "А штом така јас не би влегла" ама јас ли зборам канти ли тропаат исто е,
фино лепо си влеговме. И чичкото пак ни вика, "немојте да одите на лево, таму се навивачите одете само на десно." Аха ок и тргнуваме натаму очекувајќи да видиме цел стадион полн, барем според таа галама... таму што да видиш двајца без тројца и три четири реда полни со навивачи. Секако и мноогу полиција.
Ги гледам фудбалериве, па навивачите, па пак фудбалерите и пак навивачите и си викам "па навивачиве се поголема атракција од самата утакмица" Толку многу се радуваа, толку многу ги подржуваа што едвај некој од тие два тројца ја следеа утакмицата. Фудбалерите и оро да си заиграа мислам дека никој немаше да ги примети.
Па си размислував кога Македонската фудбалска федерација би имала барем пола од организацијата и посветеноста на навивачите, можеби фудбалот би бил на многу повисоко ниво, можеби на трибините би имало повеќе од два тројца гледачи, можеби и самите фудбалери би биле повеќе мотивирани кога би гледале барем половина полн стадион, а не празни столчиња, можеби многу можеби ама слаба реализација. Од истиот клуб што денес играше, помладата генерација пред помалку од месец освоија прво место во нивната категорија во Бугарија, како и ред други успеси, а за тоа повторно два тројца знаат...