El Bosque animado (1987), Espana.
Ел Боске анимадо (не е Дел Боске) или Маѓепсаната шума, чуден филм кој предизвикува чудни реакции во мозокот, не знам зошто и како.
Сосема опуштен, непретенциозен и релативно нискобуџетен филм снимен пред четврт век кој беше гледан сосема случајно пред неколку дена, а како што велат случајноста понекогаш крие најубави изненадувања.
Се работи за дешавања во една шума во Галиција каде селаните патат од немаштија, неукост и суеверие.
Тоа најдобро го користи еден емотивен друмски разбојник со големо срце, голем љубител на никотин, неговиот другар - леш (не е зомби) кого небеската бирократија го спречила да премине на оној свет и така лута по овој заедно со неостварените желби, едно девојче чија трагична судбина за малку ќе ми измамеше солза, еден скроз заљубен човек кој поради тоа што куца - нема некоја шанса со жената која ја обожава, градски ликови дојдени на одмор во селото со прикаски за градот (Ла Коруња) и многу едноставна, да не кажам `наивна` динамика за која немам зборови. Одамна не сум се почувствувал толку добро поради таква банална причина како - филм.