Сакав да напишам поезија но римите чиниш, веќе го исушиле патот по кој некогаш весело жуборкаа. Некако не ми оди, премногу плевел и кривини здогледувам низ мојата фантазија. Решив да ги склопам очите и да се фокусирам на синхронизираното движење на белите дробови. Старата добра техника, си велам самата. Редно е, јас, металниот звук на дождот и нашата креативна тишина. Секогаш успевале, зошто не и сега? Но не не и не.. Се фаќам како тупкам нервозно со ногата по крцкавиот под. Можеби тоа што го барам не е пристуно денес. Така било судено. Судено? Блага насмевка ми го искривува замислениот лик кое наеднаш завзема несериозна асиметрична форма. Смешно ми е како некои зборови сеуште несвесно ги користам иако одамна ги надраснав и престанав да верувам во нив. Нејсе, ги собрав стутканите жолти страници, го навлеков тешкиот џемпер, ги фрлив во распламтеното огниште и морам да признаам - горко уживав во нивниот нем писок кој премина од светлосин пламен до разбеснета портокалова бура. Моментот ми го прекина детскиот џагор некаде надвор од прозорските рамки. Љубопитноста ме одвлечка до ладното стакло кое во истиот момент се замагли. Едно дете шлапкаше со чизмите во маалските вирчињa додека прекорот на неговиот татко пробуваше да ја заузди целата детска фантазија и целата детска разиграност под воздржаниот чадор. Се почувствуав некако весело и разиграно, иако ни самата не би знаела зошто ако се прашувам. Малку понатаму, се одвиваше нова приказна. Момче и девојка во жолчна расправија, надвикувајќи и заканувајќи се со прашини од минатото. Непријатно си велам, па продолжив понатака, со мислите, некаде во далечината. Во малите печурки од чад што доаѓаа од куќите од далеку. И таму се одвиваат нови приказни, нови сцени. Нови радости нови таги. Други кратки фантазии, други животни рутини и сериозни разговори. Друг ментален склоп и бура од различни емоции. Колку сме само мали ние луѓето, заклучувам. Уникатни, различни но водени од исти емоционални горива. Но на некој чуден начин, сите се вклопуваме во сонот на универзумот, големиот Универзум. Сите како делчиња од него, а цел засебен универзум внатре во самите нас. Решив да ги нашкрабам овие неповрзани реченици, споени со приказна раскажана во прво лице. Глупаво, некреативно, нелогично и несвојствено ми делува. И низа други епитети кои си ветив ќе престанам да ги користам. Но мора од некаде да се почне. Всушност кому му треба измислена поезија кога постои проза склопена од неколку реченици вистина? Зошто да не ми стане навика? Макар да е тоа насила откинат момент од моето секојдневие, неколку минути или мисла што ме окупира. Да така е најдобро, одлучувам. Ќе биде интересно некогаш, да се навратам на таа сцена, приказна и емоција кога веќе ќе бидам преокупирана со сосема други и различни проблеми. Само да ја дослушам песната, неколку зборови плус - минус и да го напишам во компјутер. Ах да и ќе заборавев, да проверам да не имам печатни грешки зошто почнаа смртно да ме нервираат, а сигурно ќе ги има и по седмото препрочитување.
Ете ја првата приказна од мене, драг Дневнику.
Ете ја првата приказна од мене, драг Дневнику.