Драг дневнику,
На форумов се зачленив пред 88 недели. Или 616 дена. Или, најпросто, 1 година, 8 месеца и 7 дена.
Искрено и не ми се чини како пред многу време да е. Веројатно затоа што тие 1 година, 8 месеца и 7 дена ми поминаа толку брзо што не се ни сеќавам што се се случи помеѓу тогаш и сега. Толку работи се имаат сменето што и да сакав - веројатно немаше да успеам да водам евиденција на се. Реално, поминато е многу време..
Се зачленив на 2ри Април, 13 дена пред да наполнам 18 години. Многу добро паметам како го најдов форумов. Уште подобро паметам зошто се зачленив. Паметам и зошто останав.
Имав некоја убава поврзаност со некои од членовите тука, уште од почетокот. Со некои сеуште и постои, колку и да е истенчена. Мислам дека долго време ќе постои. Се сеќавам колку пати имав седено до сабајле на форумов, впрочем мислам дека голем дел од 2012 ми беше обележан токму со тие преспивања на форумов. Разговори, дебати, дискусии, смеење, карање. Добра доза на драми.
Без никаков сомнеж анонимноста и можноста да се искажам слободно ми помогнаа да излезам од таа школка во која бев. Да кажам што мислам, искрено, макар и да треба да се раскарам малку. Да го одбранам мојот став, да го поткрепам. Впрочем овој форум има придонесено доста до мојот целосен развиток. Имав научено голем број на работи од луѓето тука. И од оние кои беа со пријателски намери, а и другите. Мислам дека баш на таа возраст ми требаше баш некое вакво место. Некаде каде што ќе можам да кажам што сакам, некаде каде што ќе можам да комуницирам со луѓе постојано. Да дискутирам, да дебатирам, да се сакам, да се карам, да споделувам мои искуства и да читам (а и да учам) од туѓите искуства. Едноставно еден број на искуства со чија помош почна оној процес на продолжување понатаму со животот при што со секој чекор ги исфрлав оние особини кои ме спречуваа, ако не и ме уназадуваа. Животот ми беше еден огромен чвор кој полека се отплеткуваше, благодарение на членовите на форумов.
Мислам дека до тогаш немав баш сфатено колкава разнообразност всушност постои меѓу луѓето, дека сите различно размислуваме, дека сите различно толкуваме одредени работи.
Во тие години на развиток имав научено многу работи од форумов и сите влијаеа врз тоа како се одвиваше мојот живот понатаму. Сите работи кои ги научив имаа мала улога во нешто големо. Благодарение на форумов, поточно на неговите членови, почнав да се менувам во личноста која што знаев дека сакав да бидам - но не знаев од каде да почнам, немав храброст. Луѓево ме подбутнаа, иако со ни една личност од тука се немав (и сеуште се немам) запознаено надвор од форумот.
Има уште работи кои би можеле да се додадат, но за сега, а воедно и за прво мислење во дневников, мислам дека е доволно
Фала ви многу на сите, а воедно голем поздрав од 17-годишен јас и поголем поздрав од 19-годишен јас (20-годишен оваа пролет).