Вчера навистина претера. Не планирав да го сретнам, ама знаев дека ќе биде таму. Се мислев дали да отидам или не. Сепак, ако не отидев, немаше да бидам фер кон најмалку 5 личности. Морав да го исполнам ветеното. Синоќа кажав само дел. Она останатото ќе го запишам. Којзнае, можеби ќе излезе некоја книга од сето тоа. Има толку многу моменти кои вечно сакам да ги паметам, толку многу места кои ме потсетуваат на него, толку многу работи кои вечно ќе не поврзуваат. И болат. Се сменив потполно. Особено во изминативе два месеци. До крајот на летото ќе станам непрепознатлива дури и за оние кои ме знаат најдобро. Радикалните промени отсекогаш ми ја лечеле душата. Така и овојпат. Доста се лажев себеси и сите околу мене. Најдобра сум во она што го правам само за себе. Конечно ќе и се вратам активно на музиката. Не сакав да ја запоставам. Почнав пак да создавам нови дела, само треба убаво да ги запишам. И само сакам да заборавам делови од последниве неколку години. Синоќа се сретнав со болниот потсетник дека загубив дел од мојата душа пред 2-3 години и дека животот од мене зеде големо парче. Ми недостигаат сите тројца. Најмногу таа. Ми недостига нејзиниот поглед, нејзиното готвење, нејзиниот мирис... Празнициве ми се само болен потсетник дека останавме скоро сосема сами. Се изнаплачев и сеуште не ми олесна. Се прашувам, може ли груткава која ми стои во грлото некогаш да исчезне? Ако значи дека ќе ги изгубам спомените, тогаш нека остане. Некои моменти ги чувам само за себе... Така живеам...