Дневниче...
Некаде го прочитав ова - Not all superheroes wear capes. Колку убава и точна реченица. Беше братучеда ми кај баба ми и дедо ми, па ми пушти слики кај што заспале двајцата, дедо си ја гушнал баба и така заспале.
И почнав да размислувам и да се сеќавам. Јас немам многу идоли во животов, ама дедо ми е дефинитивно еден од идолите. Дедо има таква животна приказна, што кога и да кажува за животот негов, можам само да се внесам и да слушам, да баталам и телефон и месинџер и инстаграм... Биле 8 деца, од кои најстарата сестра на дедо (кој воедно е најмал) најмногу го сакала. Бидејќи неговите мајка и татко работеле тешка физичка работа, таа го изгледала дури бил мало дете. Нажалост се разболила многу млада и е почината некаде кога имала 20тина години. Дедо уште ја нема преболено. Биле пресиромашно семејство, едвај имале храна за цело семејство. Кревети немале за сите, дедо има спиено на земја во зими како оваа сегашнава. Кога бил некаде околу петто одделение, го пратиле во град, во интернат за да учи. Мајка му знаела дека има талент за да биде школуван човек, па го пуштиле таму. Немале пари да му пратат, па и таму местото не му било загарантирано, се случувало да спие надвор пред интернатот кога е топло, во соби од други луѓе на под, еднаш во некоја јавна кујна замолил да спие. Ама решен бил дека може да стане учен човек и не се вратил во село за да работи физичка работа. И успеал. Завршил школо за тоа време, од нервози има и ден денес последици (дијабет) ама ти вика не жалам ниту за една минута. Ја запознал баба кога веќе бил при крај со учењето, баба била типична градска девојка. Дедо почнал да и праќа љубовни писма (уште некои ги чуваат денес), кога видел дека и таа го сака него, како прав џентлмен отишол кај татко и и му кажал како стојат работите и дека сака да си ја земе за жена. Сакате верувајте, сакате не, до сега немале ниту една кавга. Ниту една.
Немале многу, почнале од 0, правеле куќа, често немале ни за леб, ама не се откажувале двајцата. Дедо работел 2 работи, баба една, само за да стигнат да ги прехранат своите 2 деца. Успеале и да направат куќа и да ги пратат на факултет двете деца, денес тие 2 деца се дипломирани.
Ние сме 4 внуци. Јас сум некаде во средината. И дедо стално ми вели, јас се гледам себеси во тебе. Тврдоглавост, упорност, способност за да сакаш, амбиција, снаодливост, тебе ми вика и во метропола да те остават кај што не си стапнала, ќе се снајдеш. Мааната од пред неколку постови погоре се` во себе тивко да си патам, негова е. Еднаш тој не рекол оф. И не можам да опишам која гордост ми е тоа што ми го вели. Ликот не му го носам, на другиот дедо ми е, ама карактерот е речиси идентичен.
Ме имаат фаќано страшни депресии, од страна на љубов, од страна на амбиција, баш пред некое време пишував за тоа како ми е страв да не заглавам во circulus vitiousus каде има само работа, дома во некое семејство во кое нема ништо друго, освен сивило и рутина. Али од друга страна има денови како денешниов кога си викам дека ако го најдам човекот како што си се нашле баба и дедо, нема што да се плашам од тоа. Ако го работам она што го сакам, нема што да се плашам. Доволно ми е колку од дедо - покрив над глава, средства со кои можам да живеам пристоен живот. Милиони не ми се императив. Сакам убаво да заработувам, нема двоумење тука, ама не сакам да живеам само за пари.
И пак си велам, not all superheroes wear capes. Дедо не носи, ама тој е мој најголем суперхерој. И пресреќна сум што имам ваков човек на којшто можам да се огледам. Идол, во секоја смисла на зборот.