Не беше од мојот град. Го запознав во Охрид,летото втора за трета година. Тој, мој врсник, ама со далеку поголемо животно искуство. Да бев русокоса, а тој да беше постар, ќе бевме нешто како Отело и Дездемона. Ми се допаѓаше таа негова зрелост. Инаку, не беше тип на момче што обично ме привлекуваа. Бевме различни. Многу различни.
Ми ги симна сите ѕвезди од небото. Му симнував и јас него понекогаш, но бев повоздржана. А го сакав. Иако не траеше подолго од една недела, верувам дека го сакав. Ама, што од неискуство, што од несигурност, тоа не го покажував. Барем не доволно.
Вечерта пред да си оди, плачев. Плачеше и тој, а рече дека не плачел ниту на погребот на дедо му. Којзнае, можеби ме лажеше. Па и подобро да ме лажеше. Не сакам да верувам дека го чувствувал кон мене она што јас го чувствував кон него, зашто така, би испаднале најголемите кретени на целиот свет што дозволивме толку лесно да се изгубиме еден со друг.
Откако си отиде, се слушавме нон-стоп. Нешто подоцна, дојде во мојот град. Потоа, продолживме да се слушаме и да си пишуваме, ама не дојде до следна средба. По извесно време и разговорите престанаа. И толку беше.
Некои велат ако било вистинско, ќе траело. Нема грешка. Од кај знаат па тие дали беше вистинско?