Дали би живеел Скопје?
Живеев за време на студиите, значи последната година од дваесеттиот век, и неколку години од овој наш век
Живеам и сега, не по своја волја, туку од примораност.
Скопје е град во кој се сконцентрирани сите важни работи. Факултети, да, има дисперзирани во скоро сите градови, НО, дека има разлика да завршиш пример Филолошки факултет во Скопје и Филолошки факултет во Штип, навистина има... Истото е со скоро сите факултети(викам скоро, затоа што ја оставам можноста, некои од тие други универзитети, навистина да ВРЕДАТ).
Потоа, наоѓањето на работа. Не зборувам за градовите од типот на Битола, Тетово, Штип, Струмица... затоа што во нив, пак и пак се наоѓа по нешто повеќе работа. Зборувам за градовите од типот Кичево. Една гимназија, солидна работа и плата само во рудникот Осломеј, Полиција, Општина, Комуналец... и тоа секаде да влезеш со дебели врски, во најмала рака партиска книшка. Децата, луѓето, сѐ почесто завршуваат факултет. Нормално е, навистина е нормално луѓе, ако некој кој завршил Економски факултет, не успеал да се снајде бар во банките тука, да дојде во Скопје, ако успее да се снајде да работи по професија. До душа, кој бега од „дома“ најчесто сака да ја летне од државава, но доколку не се снајде, нормално е да прелета во Скопје, за повторно мизерна плата, но бар да е плата за професијата за која крв поплукал по студентските домови.
Потоа... разликата во животот Скопје и малите градови налик Кичево... имате повеќе опции за забава, во Кичево немаме ни кино, ни театар, зоолошка јок, убави збиднувања од типот на концерти, манифестации, саеми за книги, немаме асална продавница за книги да му е*ам мајката
Поради таквата работа, секој провинцијалец е приморан, ако не за постојано живеалиште, тогаш за на ден - два да дојде во Скопје, да отиде филм да гледа, да слушне некој добар изведувач, книги да си купи
Знаете како функционира развитокот на Скопје vs. другите помали градови? Обратно пропорционално. Скопје расте, се отвораат нови работи, а останатите градови умираат, сѐ затвораат старите работи. Ама додека Скопје ја губи својата природа, останатите градови се прочистуваат од бетонот и се полнат со природа
Верувајте ми, кога се враќам дома после долго време во Скопје, два дена кашлам како туберколоза да имам. А размислете дека ни Кичево не е град со премногу чист воздух. Значи ми се чини наместо воздух, чад дишиме во Скопје.
Значи доколку Скопје се гледа како множество од работи кои ги има - ти требаат, а ги немаш дома мислиш дека е одлично за живот.
Но, потоа сфаќаш, дека животот ти станува пекол.
Мене луѓе, на пример, ме иритира скопскиот сленг. И тоа не е затоа што има некое непријателство скопјани-провинцијалец, туку затоа што си го љубам македонскиот јазик, а скопскиот, повторно ќе нагласам СЛЕНГ, оној новиот, сега веќе стар, што е појавен како зараза некаде во почетоците на 70ите години, за кој убаво зборувал Блаже Конески... Што ужасно ми оди на нерви, синхронизацијата на телевизиските серии, вестите, сите се заразени од овој ужасен сленг, кој воопшто не е литературен. Вокалот О, звучи како У. Вокалот Е звучи како И. И не го толерирам. Јас знам дека дијалектите треба да се почитуваат, но сленгот не. Од Лилиии нема да се збогати македонскиот јазик, бидејќи ние веќе леле си го имаме, дублет кој нема апсолутно никаква вредност, не ни треба во новиот правопис и толковник
Втора работа, менталитетот. Не можам да кажам дека сите скопјани, го имаат тој проблем во глава, затоа што ќе ме фати грев - што викаат старите. Сепак, добри 40% сметаат дека со самото тоа што се родиле во Скопје го фатиле Бога за мади*а, па не треба ни интелектуалните способности да им се земаат во „пресметките“, ни агилноста - ништо. По цел ден кукаат, како провинцијалците им ја земаат работата, а тие остануваат дома. Ами, мрдни со газето, покажи се дека знаеш, никој нема да ти го земе лебот од уста ако си ти доволно способен за да си го фатиш работното место(до душа во Македонија, способноста е најмалку битна, побитни се врските). Секогаш ќе кажам, имав колега од Скопје, не знам точно каде живееше, но беше ете каков што ги опишав тие 40%, имавме еден професор, Радически, што живци си кинеше од тој сленг, човекот не положи ни еден од предметите кај Радически поради тој негов сленг, не знам дали знаеше и дали запишуваше на испитите нешто, но дека додека дипломирав човекот не положи ништо кај Радически, не положи. Е сега, човекот, наместо да си ја увиди грешката, да се поправи, затоа што нели, утре ден ќе биде професор и ќе им предава на деца, кои ќе треба од него да научат покрај другото и правоговор, тој плукаше по провинцијалките што му „фрцкале“ на професорот и поради тоа положиле. - е тој менталитет, ме тера да повраќам од Скопје.
Трета работа, сообраќајот. Јас не знам кој дава возачки на тие возачи бре. Почитување знак? Јок! Врти во еднонасочна улица за да скрати пат, на сред партизанска застанува со пуштање на сите четири трепкавци за цигари да си купи... страшно, мислам дека во последно време од толку ужасни возачи, ми одмили возењето.
Четврта работа, скапиот живот. Во Скопје ќе се снајдеш да, ќе имаш работа, децата ќе имаат повеќе опции за школување, ќе можат да се запишуваат на повеќе секции, курсеви. Но, платата што ја земаш во Скопје, ја трошиш до 15, потоа прстот во уста - ама буквално. Јадењето е поскапо, облеката е поскапа, излегувањето е поскапо(една вечера во Кичево за двајца ќе те чини 500 денари, со се пијачки, во Скопје пута три)...
Петта работа... измените во изгледот на Скопје. Јас сум човек што сака да си шетка, чисто за да го разбистри мозокот. Сега треба да шетам со затворени очи. Абе сѐ ме нервира. Буквално сѐ. Таа црвената зграда со вагата на неа секој ден ја гледам, секој ден се крстам и секој ден пцујам. Кога ќе ги видам тие бродовите во Вардар, си ја рецитирам „О тешкото“...
И така... за да ја привршам мислата, значи, ако се гледа за кариера во одредени области кои не се развиени во другите градови - да, Скопје е одличен град за живеење, но длабински, животот во Скопје е едно големо срање.