Еднаш, една важна личност во мојот живот ми рече: „Да сме свесни која е одговорноста да се биде родител, пред да станеме родители, 70% од нас ќе се откажат. Не поради себичност, туку поради страв.“
Не го сфатив ова додека не ми се родија двете деца.
Оној кој направил дете - не е секогаш татко, ниту онаа која родила дете, не е секогаш мајка.
Татко и мајка, треба да бидат како туристички водичи. Со црвено знаменце да се подготвени своето дете да го водат низ непознатата територија наречена живот, а потоа да го приспособат, тоа само да оди, па по одредено време да го фати и тоа дете зеленото знаменце за да води други „туристи“.
Малку забегав, поентата ми беше дека, пред да сакаш да имаш дете, треба 10 пати да размислиш дали си способен да имаш дете.
- Секогаш сакав деца, сега имам деца, и сега се плашам, какви луѓе ќе направам од тие деца. Ако згрешам - нека изгорам, вика народната. Ако згрешам, ќе се убијам - викам јас.