Јас не ќе бев јас, денешниов вљубеник на сето она што не потклекнува на секакво резонско размислување да не беше ти. Не ќе постоев помеѓу два збора напишани вон секаков разум, со боја на сето она што некогаш го чувствував кон тебе. Ќе бев можеби поразличен, потактичен... попретпазлив... поплашив.
Кога се зборува во името на она што сакам да ти го изјавам, љубовта не би имала место тука. Не повеќе... не понатаму. ПА сепак пишувам... Се прашувам, зошто, после толку долго време. Не дека ми недостасуваш. Одамна се помирив со загубата. Едноставно има доба во годината кога се потсетувам на тебе. Можеби затоа што тогаш ја почувствував последната твоја воздишка. Или ја видов првата твоја насмевка. Сеедно. Не, овие спомени не раѓаат чувства на меланхолија, желба да го вратам времето и да изменам некои мои постапки... Тие раѓаат среќа поради она што денес сум... вљубеник на сето она што потклекнува кон духовното сонување.