Подолго време не знам што да Ти напишам.. Се до денес кога сфатив дека е полесно кога ќе пробаш да создадеш нешто од напишаното, отколку да го опишеш веќе постоечкото кое боли.
Полесно е да создадеш еден цел свет каде што небото е кристално студено и сино додека згужваните лисја на есента врз расквасената земја ги даваат топлите бои.. Каде што воздухот мириса на каранфилчето од греано вино на масата и неколкуте печени костени, додека капките од дождот се кријат зад замаглените стакла на дрвените рамки.
Но тешко е без тебе.. Пробав но не оди. Не оди, не.
Кога ќе им кажам дека само миновно шеташ низ моето минато како залутан странец низ локалната калдрма од коцка, дека нема повеќе место за тебе во овој теснец наречен сегашност, чувствувам дека немилосрдно си го валкам јазикот..
Се чувствувам засрамено и што дури го трошам и мастилото на пенкалово.. Го трошам и моето и твоето време. Зошто само тука ми припаѓаш мене а јас тебе... А и двајцата припаѓаме само тука, под овие дебели сини корици што некогаш ќе бидат збришани.
Така оди тоа.
Зошто најчесто кога двајца се вљубени и среќни тие најчесто зрачат од неискуство и заслепеност. Да токму тие се жртви на фаталната привлечност на грабливците. Зошто не водат грижа како е да те натрча некој побрз. Како е да те надлета подобар летач. Ниту дека најверојатно ќе те отрезни најголемиот нетрезвеник.
Се додека не е премногу доцна. Тогаш ги чувствуваат. И двајцата чувствуваат.
И висината што ја имале еднаш, а сега надежно ја гледаат од подножјето, чиниш е несфатлива планина. И брзината на времето додека не станат свесни и трезани за тоа. Дека не трчале доволно брзо.
Тие не го знаат правилото на наивниот, залепениот и љубоморниот. А после како и обично, станува студено. И станува доцна.
Добро сум јас и без бунтот на пеперутките во мојот стомак... Само не сум среќна како некогаш. Тоа е се’.
Имам премногу од тебе околу мене. Зад мене. До мене. И конечно, во мене.
Имам премалку за да продолжам понатаму а премногу за да те заборавам сега и тука. Еднаш и засекогаш.
Не им верувам на ѕвездите повеќе, зошто желбите почнаа се почесто да доцнат. Изгледа ние луѓето и нив ги претворивме само во фабрика за исполнување желби како и се останато.. И тие не можат да постигнат.
Небото е чисто и прекрасно, мој создаден Свету, но луѓето ти се премногу тажни..