Дали имаш желба, да запознаеш некоја личност од минатото одново, за првпат? Дали дел од твојата испревртена фантазија посакува ,,збогум” да не значи навистина крај, туку ,,ќе ми недостасуваш до следното видување” кога ќе го запознаеш истиот странец? Повторно. Експлозија во кората на свеста и потсвеста. Повторно.Нели ние жалевме само по акциите што не сме ги превземале кога сме имале шанса? А што правиме со тие за кои сме жедни и гладни што еднаш се случиле и ги сакаме пак? Од ново. Сосема од почеток.
Дојди поблиску. Уште неколку чекори поблиску. Сакам да ги запознаам демоните кои се кријат во внатрешното Ти. Конечно да ги сретнам нивните очи склопени врз моите раширени зеници. Во тишина и мир. На само. И тие се’ ќе ми кажат од почеток. А јас ќе им ја дошепнам целата тежина во мојата глава и сета бучава од гласните експлозии на ,,Што ако" во неа.
Можеме ли да бидеме странци еден за друг? Зошто сигурна сум дека се запознавме во погрешно време, под погрешен хороскопски знак. Можеби следниот пат ќе се сретнеме повторно некаде низ улиците на некој мал град кој ќе ги издржи тежините на нашите взаемни големи очекувања.
Повторно палам оган под тмурното небо кое се спрема да се истури врз мене. И повторно ја чувствувам експлозијата во мојата глава – денот кога се разбудив со потреба за некого. Некој како ти. Или не некој. Туку самиот ти.
Итаме низ времето секој ден од нашите животи.
Додека заспиваме сонувајќи.
Додека се будиме надевајќи.
Додека заспиваме со чувството на déjà vu, дека повторно сонуваме но овој пат за нешто ново. Кое пак, не е ново.
Итаме кон моментот на новото здраво. Итаме кон мирисот на возбудата на новото возење.
До следниот пат кога ќе те запознаам....За првпат.. И сета таа експлозија од чувства и мирис на нови корици кои чекаат да бидат напишани долж небесната линија.
А ти, немој да гледаш низ прозорецот тогаш. Небото ќе биде сето во пламен.