Повторно караница, и тоа од оние кои ми го превртуваат желудникот, оние кога кажуваме зборови кои најмалку ги мислиме еден за друг ,оние кои најмногу не повредуваат. По долга пауза од најгорката тишина почнуваат моите солзи.
Те сакам најмногу, а и ти мене исто.
Мојата иднина ја гледам само со тебе , а и ти исто.
Кога ги замислувам моите деца, тие ја имаат твојата боја на очи.
Знам дека е моја вина, верувај дека знам. Но неможам да бидам спокојна во љубовта, во нас, едноставно неможам.
Љубов, моето срце пред да те запознае беше скршено од најголемата кукавица што ја држи овој свет, скршено на многу делчиња, и јас за сите делови посебно исплакував реки солзи.Успеав, го исцелив со помош на времето, разумот и најблиските, но си дадов ветување дека нема никогаш да дозволам да ми се случи истото пак.
Сега ми е најкриво зошто ти да си тој кому нема целосно да верувам, ти не си виновен но јас се плашам дури и од тебе. Те гледам како мој најмил и помислата да ме уништиш на најболниот начин ме убива. Сум претпазлива до степен на сомничавост за глупи работи, знам јасно ми е, но неможам поинаку. Ти велиш тоа е твој проблем , те боли тоа што ги плаќаш неговите грешки и лут си ми знам.
Но ми треба твојата поддршка, јас тебе те сакам, и сакам целосно да ти верувам затоа што за овие години милион пати си докажал,помогни ми да сфатам дека јас сум вредна доволно за да некој безусловно ме сака, дека сум личност на која може да и се случи убава чиста љубов, помогни ми да разберам дека не сум осудена да живеам со скршено срце.
Мојот ум е испрограмиран да го штити моето срце, па така често прави лажни тревоги од кои избиваат најмизерните караници поврзани со нас. Јас секој ден учам да живеам спокојно без да чекам нешто лошо да се случи, а за секоја моја спокојна минута виновникот си ти.