Alice Morgan (Luther)
Наспроти толку серии и уште толку ликови чии карактери не успеале да бидат доловени со години, типкава успеа да ме раздрма во неколку епизоди.
Еден од оние ликови кај кои нема средина. Или ја мразите до коска, или развивате некоја „љубов“ кон неа. И тие две емоции постојано се борат меѓусебно.
Ги знаете оние шармантни ликови за кои не имаат предупредувано дома да не им правиме муабет? Оние кои секогаш настапуваат со точно избрани зборови и зборуваат тивко и студено, а толку убедливо, без ниту едно треперење или емоција во гласот, што прават да би посакале да си излезете од кожа, само за да не сте во нивна близина? Е, тоа.
Детството си го направило своето, а резултатот од тоа е социопат-генијалец зад маска на повлечена девојка со студена, британска убавина.
Нарцис кој егото си го потхранува на невообичаени начини и која е спремна на било што само за да се докаже, првенствено себеси, а потоа и на оној поради кого го направила нештото. Ризикот за неа е само секојдневна доза адреналин што ѝ овозможува да се изнасмее на истиот во лице и обожава кога другите се немоќни. Опсесивна, манипулаторка, непоканета се вмешува насекаде, сака да ги држи работите под своја контрола, а сепак е толку потребна и од клучна помош, што сите тие негативности ги остава во заден план, иако не се ни труди за тоа.
Демнач од сенка кој одлично знае да процени ситуација, па е секогаш чекор понапред од другите и настапува во клучен момент.
Во комбинација со Лутер, главниот лик во серијава, се една од најчудните филмски спојки кои перфектно се надополнуваат на некој необјаснив начин.
Капа симнувам на тој што ја избрал глумицава. Феноменална е.