Пак не можам да спијам другарче...
Ах, колку бргу поминува времето... како до вчера да бев дете! Не знам ни самата зошто толку многу сум носталгична по тоа детство кога речиси не го ни имав. Скоро секој роденден го минував во болница на инфузија или пак дома сама, односно, без оние со кои што сакав да го минам овој ден. Никој од другарчињата не доаѓаше, сите беа на излет во природа, а јас морав да глумам дека сум среќна затоа што дошла баба ми и ми подарила некоја розева маичка која никогаш нема да ја облечам. Морав цел ден да ги слушам глупавите разговори на возрасните. Мојот роденден им беше една од ретките прилики повторно да се сретнат и цел ден само си муабетеа, а ако прашав нешто ке ме искараа затоа што се мешам во муабети што не се за деца. Ниту мајка ми не беше среќна тој ден. Трчаше, се препотуваше, се трудеше сите да ги пречека како што треба, да ги нагости... собата смрдеше на алкохол, татко ми не ја пропушташе таа прилика за да се напие. Иако речиси секој ден беше пијан, на овој датум неговото пијанство беше посебно неподносливо. Се сеќавам дека кога полнев пет години (памтам затоа што дедо ми ми рече дека сега имам полна шака години) за прв пат изглумив дека ми е лошо и бев толку убедлива што ме однесоа во болница и останав до следниот ден. Потоа истото го изглумив уште еднаш, во некоја друга прилика, се сеќавам дека и тогаш имаше гости и атмосверата беше слична. Потоа се појавија и првите вистински напади на лошење и траат се до денес. Си ветив себеси дека овој ден нема да ми значи и навистина не го славев роденденот од својата десетта година. Кога доаѓаа бабите и останатите роднини јас излегував и цел ден не бев дома, потоа си одев на излети со друштво и нормално на никого не кажував дека ми е роденден, потоа веќе бев ,,голема,, за да го славам и им забранував на блиските да ми подаруваат на овој ден и наоѓав глупави изговори за таквото мое однесување. Чудно е како тоа низ годините секогаш барав некој нов изговор. Последното ми беше дека се нервирам дека стареам, а всушност воопшто не ми е гајле дали имам уште една година плус.
Го мразам овој ден! Всушност немаше ни да се сетам на овој датум ако не ми стигнеа известувања на фб дека некои сосема непознати луѓе ми честитале. Верувај пријателче, никој познат, сите непознати!
Ајде, има уште скоро 24 часа, па не сите со несоница како мене... Само ми е криво што како и сегогаш пак сум сама и што не се тука оние со кои што сакам да го минам овој ден.