Најемотивниот текст што сум го сретнал во последниве 5 години.
Прирачник за Анти Анти-Алхохоличари - Игор Џамбазов.
Се надевам дека тоа што го одложував со месеци не било премногу егоистично. Белки нема на крајот да испадне дека сум мислел само на себе.
Ама, не беше така. Тие што добро не познаваа мене
и Бошко мој, многу добро знаат дека тоа не е така.
И додека мојата највозрасна пријателка во животот, Баба Маца се договараше со ветеринарот по телефон, јас на Бошко мој му го подготвував неговото крајно и вечно пребивалиште. Една голема кутија за чизми, во која му ја постелив неговата најомилена маица во која обожуваше да се завитка пред спиење.
Дрес на нашата фудбалска репрезентација.
Сега ќе го има на себе засекогаш.
До крајот на вечноста.
Бошко мој, патриотот.
За тоа време, сам во кујната си плачев тивко.
Концентарцијата на тагата беше на ниво поголемо од дозволената квота. Тагата е навистина тешка болест.
Бошко лежеше до печката. Се грееше.
Како да претчувствуваше нешто.
Дојде времето за разделба.
Имавме на располагање околу половина час, дури да дојде Ветеринарот. Од фрижидерот го извадив неговиот последен оброк.
Три огромни парчиња мортадела.
Обожуваше мортадела.
Ја вшмукуваше како правосмукалка.
Секогаш кога му го давав тој негов спецiјалитет,
прво ги вадев големите топченца бибер кои се ставаат внатре за подобар вкус. Затоа што биберот е строго забранет во менито за кучињата.
Овојпат не го извадив биберот.
И така и така не може да му наштети повеќе.
Потоа се напи водичка.
И пак ми се бутна во рацете.
Како да се намести.
За крај.
Луѓе мои, што попрво да му направиш некому за кого знаеш дека нема да го видиш никогаш повеќе?
Колку силно треба да го гушкаш?
Го бакнував Бошко мој по муцката, по ушите, по очите, го стегав толку многу што се плашев дека ќе му ја земам душата уште пред да дојде ветеринарот.
Излеговме во дворот.
Баба Маца седеше во клацкалката и како да не сакаше да ни се меша во последните заеднички моменти. Бошко мој почна да се прозева.
Како да му се спиеше.
Сега ќе заспиеш, пријателче мое...
Ветеринарот дојде на закажаната егзекуција.
“Мене ли ми припадна таа неблагодарна улога?“
Да пријателе, ама хумана.
Не го испуштав Бошко мој од рацете.
Како некоја сурогат мајка која одеднаш не сака да чуе да го даде детето според договорот.
Сепак, ова е тоа.
Ова е моментот за кој размислував уште откако го земав Бошко мој. Моментот кога останувам без него.
Ветеринарот ја подготвуваше инекцијата.
Тогаш последен пат го гушнав.
Ме лизна по носот само еднаш. Како за последен пат.
Толку му беше. И снагата и желбата.
Му го покрив главчето со дланката.
Ветеринарот го направи своето.
“Ова делува многу бргу. Нема ни еден момент да се мачи, ти гарантирам“
Потоа го спуштив Бошко мој на тревата.
Тој, стоеше уште малку, а потоа само легна на тревата,
Ја зазема својата поза на египетска сфинга.
Рацете испружени напред, ушите исправени, главата подигната нагоре и поглед...во непознато.
Тогаш веќе не можев да гледам.
Истрчав од дворот.
Тргнав низ селото.
Не знаев точно каде одам, знаев само дека морам да
се движам затоа што целото тело ми трепереше.
Тогаш сакав да се напијам нешто. Било што.
За душа на Бошко мој.
И за своја душа.
И за комплетна глупост.
Прирачник за Анти Анти-Алхохоличари - Игор Џамбазов.