Безначаен секс, од оној утешниот... стара постела, добропозната... цигара во едната рака, во другата чаша виски и едно познато лице на перницата до неговата. Молк, тишина. Без непотребни зборови, тие се потрошени одамна. Па и потребните, ако веќе зборуваме искрено.... повремено им се сретнуваат погледите изгубени, прашални.
„Каде погрешивме?“ -праша таа... непотребна реченица... непотребно прашање...... повторно...
„Не знаевме да молчиме кога требаше!“ И одговори тој и зеде уште еден дим.
„Зошто тогаш повторно сме овде? На истото место, заедно?“ повторно прашања... тешки... а толку сакаше таа само да молчи, само да молчи.
„Затоа што си сѐ она што сум, а не сакам да бидам... затоа што сум сѐ она што сакаш, а не умееш да го имаш...“
Се заврте кон него, се припи до неговото тело, му ги отвори очите и го погледна... со показалецот му го погали левото око. На тој чин уште имаше право.
„Но, зошто да зборуваме за нас, кога нас веќе нѐ нема?“ рече и легна врз него. Можеше против сѐ, но против желбата за него... овде беше беспомошна.
„Но, ти...“ почна да зборува, а тој и ја затвори устата со рака... можеби сакаше, но не смееше да ги слушне тие зборови... зборови кои повторно би го вратиле на почеток... не сакаше да ја слуша бидејќи таа не беше повеќе негова, како што и тој одамна не беше нејзин.