Ние,
се родивме,
во една задоцнета есен,
ги паметам сите бразди на твоите образи,
создадени од твојата насмевка,
те насмевнував несебично,
за да те врежам длабоко,
во коските,
како да знаев,
дека убавината е сокриена,
во иднината на нашето непостоење,
онаа во која си ми во мислите,
во кои танцуваш,
љубовно,
безгрижно,
мечтаејќи пред сонот,
и првото отворање на капаците,
твојот мирис беше насекаде,
ги отворав прозорците ширум и чезнеев милно,
во тие бранови,
од морето врз небото распослани,
како што сакаше да ги милуваш дланкиве,
ден за ден,
чиниш дека е последен,
како згаснуваа лисјата од дрвата,
ко светулки во темница,
така бевме се поразнобојни,
бевме пробојни,
зраци од сонце,
моќна светлина,
радости на земјата,
и првите бакнежи со првите снегулки,
се топеа таму каде ни се допираа усните,
спокојно знаејќи каде припаѓаат,
не сокривав тајни,
кршеше златници,
бевме гладни и жедни,
купувавме стихови,
ги продававме еден на друг,
во тоа наше време,
и сега,
спомени,
осамнуваат таму каде погледот зарива,
каде мораше да заминеш,
и само некогаш,
навраќаш да ги натопиш очиве,
да ме потсетиш дека постоиш некаде,
и сведочиш за нашата приказна,
раскажувајќи за цутот на пролетта,
кој не го дочекавме никогаш.