Пишуваме на зададена тема (прашања и предлози)

violetmoon

Модератор
Член на администрација
11 декември 2012
2,662
5,747
1,153
Веќе подолго време стоеше пред огледалото.Го набљудуваше својот одраз во него и беше задоволна од тоа што го гледа.
Меѓутоа на нејзиното лице од минута во минута се менуваше расположението.Од некоја лесна,разиграна насмевка до длабоко насолзени очи полни со тага.
Сето тоа беше предизвикано од бурата помешани емоции кои ја растргаа нејзината душа како гладен волк што безмислосно го кине својот плен.
Толку долго ја очекуваше оваа средба за која знаеше дека ќе ја оживее а после ќе ја турне директно таму каде што и смртта доаѓа како воскресение.
Беше свесна дека кога падна првата капка од дождот тоа беше само почеток на поплавите кои следеа.
Тој едноставно беше таков,палеше и гаснеше каде што ќе помине а во неа остануваа огништето и пепелта.
И се плашеше,многу се плашеше,срцето и затреперуваше од болка при помислата што потоа..и како,како ќе преболи.
Како да ги убие чувствата пред тие да ја убијат неа....немаше одговор како и на многу други прашања што ја измачуваа последните месеци.
Тоа е тоа,нека бидат мигови и часови на среќа,а се друго потоа-си помисли и воздивна длабоко.
Ја облече црната суќна која совршено одговараше на нејзините облини,стави малку сјај на усните и време беше да излезе.
Денот беше убав и прилично топол.Летото штотуку беше почнато а таа ја сакаше пролетта назад,таа пролет што и го смени животот.
Полека чекореше кон местото каде што ја чекаше тој,и пак за момент засветка синилото во нејзините очи но тоа не траеше долго,веќе следниот миг се гледаа со неговите.Лицето и се разведри,рацете и трепереа,ма се во неа беше растреперено,чувствуваше како возбудата и го преплавува целото тело и веќе со убрзани чекори влезе во неговиот автомобил.Не се поздравија,само се гледаа во очи и враголесто се потсмевнуваа.Таа не можеше да го тргне погледот од него,и секој еден негов дел беше совршен а во целина несовршенство кое го обожаваше.Набргу стигнаа на својата дестинација.Беа пред куќата.
Влегоа внатре и се фрлија во страсна прегратка,тој ја стискаше во своите силни раце а таа му го милуваше лицето додека усните им беа споени во долг и сочен бакнеж.Не можеа да се наситат еден од друг,страста се повеќе растеше во нив со секој допир и со секој бакнеж.
Тогаш таа се потргна од него се насмеа и му рече-да пиеме кафе,барем еднаш да имаме време и за тоа.
Го направи кафето и пиејќи го уживаа надвор во убавиот ден и во своите разговори.Пак влегоа внатре овојпат со чаши вино во рацете и наздравија.
Веќе не можеа да чекаат,се посакуваа до лудило.Ја зема во своите прегратки и почна да ја бакнува насекаде,а со рацете се ослободи за миг од нејзината облека.Телото и гореше за неговото,секој негов допир ја носеше до екстаза.Ја однесе во раце до креветот и тука почна нивната љубовна игра која не знаеше за крај.Воздишките им се испреплетуваа,дишеа заедно гледајќи се во очи и додека телата водеа љубов,водеа и нивните души.
Го обожаваше мирисот на нејзината кожа,го впиваше со сите свои сетила изострени до максимум,ја милуваше насекаде почнувајќи од вратот па надолу спуштајќи се до бедрата..уживаше слушајќи ги нејзините воздишки кои уште толку го возбудуваа.Го полудуваше погледот нејзин во моментите додека телото и се грчеше од задоволство.
Таа го заведуваше со секое свое движење,се обликуваше под неговиот допир,ја полудуваше неговиот поглед од кој искреше желбата за неа.
Беа едно,беа се,беа целосно предадени еден на друг во тие моменти на љубов и страст.И не згаснуваа,туку се повеќе распламтуваа и непрекинато ја играа својата игра.Беше тоа нешто вонземско што го имаа како што тој милуваше да каже,некоја неверојатна енергија во двајцата која кога се спојуваше веќе не беа присутни на земјата.
Поминаа неколку часа,беа малку уморни,таа беше легната на неговите гради додека тој ја галеше нејзината црна долга коса.
Се впиваа еден со друг,сакајќи што повеќе да понесат во себе после оваа средба.Слушаа тивка музика и многу не говореа.
А нејзе и стоеја како кнедла во грлото толку зборови што сакаше да му ги каже а сепак не успеваше ништо да изусти.
Посакуваше да му рече-"те љубам мајмуне,зарем не гледаш колкава љубов носам во себе.Колку повеќе несебично ти давам уште толку ти себично ми земаш.Ти никогаш нема да разбереш како е да гледаш низ призмата на љубовта,и да љубиш безусловно,тебе секогаш разумот ќе те носи низ животот незнаејќи дека каде има силни чувства и тој е немоќен.Затоа некои мои постапки за тебе секогаш ќе бидат будалести и нелогични а ти за мене ќе бидеш човек што не знае да љуби а сака да научи но со срце заштитено со остри ножеви од секој кој сака да влезе во него.Зошто не го препуштиш целосно,што е тоа што толку те спречува??
Знаеш ли дека и кога мислата ја напуштам ти ми влегуваш во неа,и дека кога солзите се растураат по моето лице ти пак ги збираш и составуваш..
и колку подалеку некогаш те барам толку поблиску те наоѓам....знаеш ли дека мојата смрт ќе започне по твојата,и дека ти ќе бидеш моја последна воздишка."
Сето тоа го мислеше но ништо не излезе од нејзината уста.Молчеше а последниот час полека одминуваше носејќи го со себе крајот.
Седеа на креветот и немо се гледаа.Се чувствуваше тежина во воздухот,и двајцата ја чувствуваа.Се прегрнуваа,се бакнуваа,како никогаш до тогаш а срцата им грмеа и го заглушуваа светот.
За момент како да здогледа солза во неговите зелени очи,како да засветкаа или можеби и се причинуваше од што нејзините беа насолзени.
Одвај се воздржуваше да не заплаче,си вети на себе пред да дојде дека нема да пушти солзи додека е со него.Не сакаше да ја види нејзината слабост.
Ќе одиме ли-прозбори тој.
Ајде,време е -со тивок глас му одговори.
Се качија во автомобилот и тргнаа.Пак царуваше тишината и беше мрак помрачен од мракот.
Возејќи се така некаде на половина пат му рече таа-Застани,паркирај се настрана покрај автопатот.
Застанаа,се погледнаа и му рече со насолзени очи-Дојди да те гушнам уште еднаш.
Се гушнаа силно,не сакаше да се тргне од неговите прегратки што и мртвиот го воскреснуваа,сакаше засекогаш да остане таму каде што чувствуваше неопислив мир и спокој кој на друго место го немаше.Ја гушна и стисна цврсто за последен пат но ова беше една поинаква,болна прегратка,прегратка со тажен мирис на едно веќе минато време кое секогаш ќе го посакуваат.
А во нејзе сепак нешто и говореше дека тоа не е крајот..

-за вистинскиот лик од приказната
 
Последна промена:

Prashina

Староседелец
28 јуни 2013
1,367
3,061
1,133
Во сонот те барам. Дојди да те гушнам!
Безбедна далечина меѓу сон и јаве е. Доволна е таа далечина за грев. Само на сон посакав да ја почувствувам човечката топлина од тебе и телото затреперува како лист на пролетен ветар. Ништо не ти правам, освен да ја потпрам главата на твоето рамо и да заспијам во длабока тишина. Моите раце многу гушнале, но секогаш празни биле. Дојди да те гушнам светлино, ти која се појавуваш кога сите бродови потонале.
...Зошто плачеш, јас само сакам да те гушнам...рече.
По многу години некој посака да ме гушне...Прости, солзите мои се насобрале во бунарот на душата, не додржаа, излеваат. Прости пријателу.
Таа прегратка божествена е, спојување на небото и земјата. Дојди да те гушнам и светот е наш, доволно за сите векови, за сите животи.
Јаве или сон или привидение?
Дојди да те гушнам и животов со љубов да го исполнам. Едно гушкање еден живот, еден поглед и еден миг.
Само сонување, само копнеж,само небитување.
Дојди да те гушнам и мирисот со себе да го понесам, за секој нов ден, за секое вчера, за секое утре да се насмевнувам.Дојди , потребен си како воздух , само да те гушнам па и на сон да е!
 

Аркантос

Romanticist
23 август 2012
2,352
3,850
1,153
Дојди, стани биднина од небиднината. Дојди, создади битие од небитието. Дојди, биди ми и мајка и жена и ќерка, за да ме прегрнуваш топло како што правеше мајка ми, за да те љубам како што се љуби жена и да те чувам како што ја чувам ќерка ми.
Дојди, гледај ме со жар на изгрејсонцето. Дојди, бакнувај ме со страст на нимфоманка. Дојди, сонувај будна заедно со мене. Дојди, претвори се во жива енергија движејќи се низ моите раце. Ајде дојди, да направиме љубовна симфонија од воздишките и да ја опиеме ноќта, пред денот да ја убие магијата.
Дојди, со себе понеси го волшебството на твојата појава. Дојди гола, облечена само со мекоста на твојата кожа. Дојди, облеана со мирисот на страста што ти го дарил Бог на денот на твоето создавање. Дојди, биди моја, како што знаеш да бидеш, биди своја, повлечиме во својот свет, кој е посовршениот од сите други.
Дојди, прифати да бидеш сѐ она што си, но само за мене, само пред моите очи. Дојди те молам, со очиве од кои не прекинуваат да капат крвави солзи, со глас кој непрекинува да трепери бидејќи дланката не те допира веќе, со душава која одбива да продолжи да опстојува во телово ако не ја смириш ти... Дојди, биди моја повторно...
 

Achernar

Староседелец
31 август 2013
2,564
3,840
1,153
Прифати ме во ноќта,
во која буден сонувам,
допри ги со твоите нежни раце,
сите икони и светлини,
кои не знаев да ти ги искажам,
бакни ги искрено и топло,
сите зборови кои истекуваат од мојата душа,
натопи ги со моите сеќавања за тебе,
со мирисот на твојата прекривка,
која те штити од зло и болка,
напишана на хартија,
крвта твоја која тече низ моите дамари,
е модра во косата твоја,
што исчезнува во темнина,
моја ѕвезда,
за миг со прстиве што ја гасам,
свеќа недогорена,
за очиве невиделина,
да бидам сигурен дали сонувам,
или мечтаам,
тагувам,
неискажувам,
во утрото што самее,
над твојата убавина,
над животот што се создава,
една љубов,
засекогаш,
заспана,
неразбудена за нас,
а јас ја сонувам,
буден,
зачекорен,
не застанувајќи,
продолжувам без лед под очите,
во очите,
кои во тебе гледаат сонце,
што силно грее,
и не заоѓа,
над олтарот,
на нашето непостоење,
во кое сме јас и ноќта,
и твоето неприфаќање,
во кое чезнеам,
подолго од времето,
осудено засекогаш.
 
Последна промена:

Prashina

Староседелец
28 јуни 2013
1,367
3,061
1,133
Прифати ме во ноќта во која будна сонувам
Прифати ме во ноќта во која будна сонувам, јас која ја преслика надворешната реалност во себе.
Знам, без зборови знам дека како ветар поминав низ тебе. Нема љубов во тебе за мене. Нема ниту основа за љубов кон мене. Мина и помина. Лошо друштво сум ти пријателе. Не чувствуваш ништо. И ти го прашувам срцето, секогаш ли вака било? Каде ли згрешив, јас неразбраната,во невиделина обесена?
Изнасмејсе на мојата тага, ти имаш право да се смееш, твоја е. Не ми требаат зборови за да ја спознаам твојата рамнодушност,но тагата е потешка со зборови.
Прифати ме во ноќта, само за миг и не се сокривај за да не ме повредиш.Јас ја спознавам твојата тежина, но ти не ја спознаваш мојата тага. Ајде да ги вагаме на полноќната терезија.
Бев само перје со кое се накити, бев само миг кој ќе го заборавиш. Не е сето ова детска игра, нели?
Ѕвезда сум на небото која секогаш ќе ти го осветлува патот. Проклета сум ако грешам.
Во ноќва во која будна сонувам, знај дека полека умирам.Што е едно умирање наспроти илјадници зборови кои се породуваат во ноќта. Исчезнувам за да се родам во моите најубави соништа,и да заборавам на се и повторно да живеам.
И последните твои зборови ќе ги запишам и ќе ги закачам на библиотеката посебно она твоето-не ме малтретирај, не те љубам и замини. Тие ми се омилените.
Во ноќта во која будна сонувам,не ми треба прифаќање без љубов, без насмевка и без убава мисла. Не прифаќај ме, јас чекорам како камена статуа во едносмерна насока. Посакај ми достоинствено умирање.
Јас нељубов не прифаќам, јас во нељубење умирам.
 
Последна промена:

Luckky

Upright
22 февруари 2012
2,636
5,812
1,153
32
Western Sky, Land of Oz.
Сакан, ајде да одиме надалеку. Таму каде што никој не ја познава твојата непостојана желба да ја влечкаш таа износена судбина надалеку како некогаш. Некаде, каде што крадешкум се вгнездувам под хоризонтот на тие рамена и ја преточувам сегашноста од стеженатата некогашнина дека ќе се осамостојам од љубов. Ајде. Не вели дека не можам да чекорам и дека не можам да бидам палава, дива и само да тргнам..Не вели дека не можам да ја затресам цела земјина снага и да ги впијам сите засушени тахикардии во нашите грла за да ги запечатат сите зинати неверувања. Ајде, тргни. Чекор по чекор. Душа по душа. Намали ги трскотот на тромбоните под разбушавената коса и направи чекор покрај покосените темјанушки. Остави ме да ја следам бавно надвиснатата млеч на твоите стапала. Додека жедно газам и ја собирам пената од нараснатата среќа која ме притиска за срце.

Сакан, ајде да сонуваме. Онаму каде што океаните ќе бидат време, а времето ќе ни брои погледи. Без никакви летања и падови само раздробеници на смртно човечка љубомора дека несреќно ќе те изгубам. Верувам, способна сум за тоа. Кога веќе ‘рбетниот столб ми е нагризан и делумно коскен, сакам да летаме со вдахнати крила. Одсонувај ме некаде таму во индиго квчерина. Помогни ми да ја надлетам реата на превриена душа и надумана среќа. Сочувај ми делче од модриот сон што го гаеш за вечера. Таму не навраќаат нашите лелеци онака како што скршнуваат на починка во мојата замисла. Знаеш, не сакам да се откажам во животна изутрина и да умирам одново до мојата последна Северница. Вечерва отвори ја портата под чатмата на твоите сништа и прифати ја оваа обична творевина додека будна те сонувам.
 

Aleksis

Jukebox
4 април 2013
1,443
2,543
1,133
Чувствуваш ли?

Како се топам од само еден поглед твој,
туткајќи се меѓу твоите убави раце,
лесно наоѓајќи го моето место,
во длабнатините на твојата клучна коска.

Сакаш ли?

Да се фрлам во твојата коса,
да го соберам сиот мирис на непознато,
и да се задушам во зборовите твои,
кои се повеќе личат на лага.

Можеш ли?

Да ме натераш да плачам,
да плачам ко дете пред тебе,
од копнеживе што ми тежат,
на слабото тело мое.

Љубиш ли?

Како што љубам јас и сонувам будна,
како бројам секунди до нашата средба.
Прифати ме така, и се колнам,
соништата мои ќе ти ги подарам тебе.

Слушаш ли?

Како тишината ми го прави лицето проѕирно и тенко,
како сенката ги оцртува твоите прсти на него,
а мелодијата на цветот што се суши,
ја создава оваа монотона тага.

Гледаш ли?

Како те заборавам и паметам истовремено,
како те имам и немам за момент.
Како си ми љубов, а не си ми,
освен онаа вечер во моите сништа.
 
Последна промена: