сѐ и сешто се случува
минуваме низ ситуации кои влијаат на нас
се соочуваме со проблеми кои влијаат на нас
доживуваме убавини кои влијаат на нас
се запознаваме со луѓе кои влијаат на нас
се менуваме?
веројатно
но до кој степен?
она што ни е во основа, суштината и ајде да ја речам - с'ржта, не верувам дека се менува
може да се променат навики, размислувања и погледи на нештата, имањето или немањето храброст за да се ризикува,
може да се променат границите, да се поместат понапред или поназад
но каков си - таков си
она што кај некој наликува на целосна промена, според мене е само момент кога човек собира доволно храброст да биде искрен кон себе и кон својата суштина
оти неретко сме вакви или такви заради некакви принципи, правила и норми наметнати колку од најблиските толку и од околината
ако си добар, остануваш добар, дури и кога мораш да реагираш безмилосно
ако си злобен, остануваш злобен, дури и кога оставаш впечаток дека си најљубезната личност на светот
ако си бунтовник, остануваш бунтовник, дури и тогаш кога имаш силна волја таа бунтовност да ја потиснеш во себе
ако си безгласна буква, остануваш безгласна буква, дури и тогаш кога си најгласен од сите
најпосле
ако си човек, остануваш човек, дури и тогаш кога мораш ѕверски да се бориш
ако си нечовек, за жал остануваш таков, дури и тогаш кога на дланка ги имаш сите убавини на светот