Случувањата на розевата улица
Мина долго време откако последен пат ги послав моите чекори по уличката, нели? Можеби цела вечност. Навистина мина, а со минувањето времето избриша се’ по што беше забележителна таа уличка. Дури ни костенот под кој ги оставив сите свитоци на сеќавањата од тоа време веќе го нема. Го избриша. Времето го избриша.
Се сеќавам знаев да бидам многу тажен, и да поминам таму и да заборавам на се’. Ќе плачев поради немоќта да го сменам злобниот поглед на луѓето кои ме гледаа, и ќе ги насочев чекорите кон таа уличка, кон тој мој втор дом и заборавав дека воопшто се слеале врз мене толку злобни погледи.
„Бев дете“ - би требало да речам. Да, тоа е она што би очекувале сите да го кажам. Дека бев дете и дека работите не ги гледав во она светло во кое реално би требало да гледам. Бев дете, и се’ ми беше розево. Тоа треба да речам.
Не, нема да го кажам тоа затоа што не го чувствувам. Чувствувам само празнина. Еден дел од мене замина во неповрат заедно со розевата улица. Но не, не замина детето, бидејќи ете го се’ уште во градиве лудува на свој начин. Не замина детето. Замина само уличката. Времето ја избриша. А со уличката заедно замина и спокојот. Спокојот кој таа ми го даваше со секое минување по неа. Замина. Заминаа и годините, и свитоците под стариот костен, со нив и спокојот...
Кога би бил Ниче, би рекол „Остана само нихилизмот, што значи ништо“. Бидејќи Ниче не сум, туку сум еден друг чие име исто така има четири букви, ќе речам „Остана само немирот и чувството на злобните погледи слеани врз мојата кожа. “