Скренувам или на поарно или на полошо.
Ме фати 5 и кусур, треба да станам за некој саат, а мене не да ми е убаво на душава, ма мераци.
Очиве ми капнуваат за спиење, ама мозоков не се сложува, па си работи 1000 во минута.
Не знам за вас, не знам за другите, не знам дали тој мене, ама јас нему му простив. Искрено, за прв пат ставив на кантар и немаше многу лошо, што ме натера да си ја увидам кривицата. Но, сѐ што ме јадеше, си го сведов на мало списоче, и полека, една по една, ги прецртував работите, за да на крај, кога прецртав сѐ, да го скинам и запалам листот во име на убавите работи. Не сакам да се трујам. Сакам да паметам само убави работи. Така и направив.
Е, така си олеснив себе, затоа ми е убаво. Преубаво. Со месеци не ми било вака.
Веројатно јас во негови очи имам троа повеќе гревчиња. И не барам да ми простува. Дури и самата сметам дека не сум заслужила. Ништо ново - избувлив гомнојадец сум, себична на моменти, не знам да дадам поддршка, не сум рамо за потпирање кога треба...па и јас не би се сакала себеси за партнер.
Не, воопшто не сум саркастична овој пат, дури и солзи ми навираат од што сум сурово реална кон себе.
Жал ми е, осеќам ко да го притискам, и иако можеби навистина мислеше кога рече дека не му недостигам и дека не ме мисли, осеќам ко секој мој збор да го потсетува на идиотката во мене, а неќам да го потсетувам на тоа. Затоа ќе молчам.
Нека ме убива мене однатре колку сака, нема да дозволам да се одрази на него.
Ако некогаш прочита, нека знае дека многупати мислев дека го заштитувам со некои постапки, а испаднало спротивното. Дека не сум толку себична, та само себе да се ставам на прво место.
Жалам ако сум оставила таков впечаток...
Можеби пак постапувам лошо и со ова, не знам...ми пресуши веќе мозокот.
Нека мине време. Кога (ако) ќе изрази желба, секогаш ќе знае кај да ме најде.
А, ако дотогаш си ја најде среќата, ќе се радувам и јас, иако нема да знае за тоа.
Почнува ново утро, којзнае што ќе донесе.
Не ми замерувајте, емотивна сум рано насабајле.
Ај, убав ден.