Веќе не морате да ги гледате на телевизија или на слика, доколку можете да си ги дозволите можете и да ги имате и да ги допрете.
Кристијан Лобутин создаде волшебни чевлички за модерната Пепелашка. Но, не ги насочувајте мислите кон стаклени чевлички. Ако Пепелашка живееше денес, таа ќе носеше блескави чевли од бела чипка и сваровски кристали, кои се разбира ќе имаа препознатливо црвен ѓон.
Врвниот дизајнер на обувки вчера ја претстави својата замисла за
чевлите на Пепелашка. Елегантните обувки имаат штикла од 12 сантиметри и се вистински мамец за женските очи.
– „Пепелашка е иконски лик не само кога се во прашање убавината, грациозноста и љубовта од бајките, туку и кога станува збор за обувките. Нејзиниот лик и нејзината приказна ми го диктираа дизајнот, сè беше таму на страниците, во зборовите на приказната“ - изјавил Лобутин.
„Чевличките се волшебното стапче на трансформацијата, кое магично носи самодоверба, убавина и љубов. Соништата се важен фактор во мојот јазик на дизајнот. Нема ограничувања во светот на фантазијата и секогаш има среќен крај“ – дополнил тој.
Кристијан пред неколку месеци најави дека ќе го искористи својот талент за да креира модерна верзија на обувките од легендарната бајка, по повод новото издание на популарниот цртан филм „Пепелашка“ на Дизни на Blu-ray диск. Чевличките биле прикажани вчера во рамките на Париската недела на високата мода.