Паника во Реал Мадрид: Роналдо сака статус како Меси во Барса или си заминува
Португалскиот ас, Кристијано Роналдо, најскапиот светски фудбалер им порачал на челниците на Реал Мадрид дека сака да има статус како Лионел Меси во Барселона, или ќе си замине од „кралскиот клуб“, со што само се потврди неговото неколкумесечно незадоволство, кое јавно го истакнуваше.Реал Мадрид е во паника, и покрај најавите на одредени медиуми во Шпанија, дека клубот планира да седне на преговарачка маса со Португалецот за продолжување на договорот со кој Роналдо би останал член на Реал до 2018 година. Според шпанските медиуми, Роналдо е незадоволен од фактот дека откако дошол во Мадрид, ниту еднаш не добил зголемување на платата, што не било случај во Манчестер јунајтед кај сер Алекс Фергусон, а незадоволен е и од поделбата на имиџ правата.,Пред неколку дена Лионел Меси и Барселона се договорија за продолжување на соработката до 2018 година, според која Меси годишно ќе заработува само од плата 16 милиони евра, без бонуси и премии, а севкупно Аргентинецот на годишно ниво ќе инкасира 33 милиони евра, затоа што комплетните имиџ права Барселона му ги отстапува.Роналдо поради ваквиот третман на Меси во Барса е практично љубоморен, оти тој иако е најскап светски играч, не е ниту во „топ десет“ најплатени фудбалери, а со Реал по половина ги делат приходите од имиџ правата. Шпанските медиуми потенцираат дека за разлика од Фергусон, Флорентино Перез „има змија во џебот“ и поради тоа ризикува да го загуби својот најдобар фудбалер. Португалецот има плата од 10 милиони евра, плус три милиони од имиџ правата на клубот.Освен тоа, Роналдо не се чувствувал ниту доволно сакан во клубот, а причина за тоа бил фактот што за разлика од Меси кого на секое доделување на наградите го следи претседателот на Барса, Сандро Росељ, Перез ниту еднаш не се појавил во слична ситуација.Роналдо за мадриѓаните постигна 170 голови и според просекот на голови по меч е најефикасен фудбалер на „кралскиот клуб“ во историјата. Ваквите вести најмногу ги радуваат челниците на ПСЖ, кои веќе јавно истакнаа дека сакаат да го видат во своите редови.