Во последно многу сакам да ти кажам а малку имам да ти понудам.
Сакам да ти кажам дека ми фалат големи разговори во ситните саати.
Сакам да ти кажам дека ми фали чајот од камилица, бидејќи само тој успеваше некогаш да ја заспива среќната јас дури наутро во зори.
Сакам да ти кажам дека ми недостига апсурдната љубомора која надвиснуваше над мојата глава без причина.
Сакам да ти кажам дека понекогаш им завидувам на другарките кога ги прават оние муабети, зошто јас немам за кого да ги правам.
Сакам да ти кажам дека колку и да се потсмевам на патетичната романтика, понекогаш пеколно ми треба за да знам дека на некого му значам на овој свет.
Сакам да ти кажам дека го нема она место каде што можам да отидам после тежок ден, да молчам и да гледам во нечии очи зошто знам дека се ќе биде добро.
Сакам да ти кажам дека ми е здосадено од лажното ,,добра сум" зошто навистина не знам дали некогаш и ќе биде подобро.
Сакам да ти кажам дека ми е смачено од бегањето кога ќе се најдам во друштво на некој пар, а немам кај кого да одам.
Сакам да ти кажам дека ми е криво што сум идиот и ги избегнувам луѓето од страв да не ми станат блиски, зошто сите блиски ме напуштаат.
Сакам да ти кажам дека сум уморна од пробување да ги средам сите работи, зошто се сомневам дека некогаш ќе можат да се средат.
Сакам да ти кажам дека доста е , сакам повеќе да се смеам иако сум емоционално оштетена.
Сакам да ти кажам дека сум жедна да пијам љубов, без трошка срам, без трошка страв дека ќе зажалам некогаш поради тоа.
Но пред се' на сакам да ти кажам ништо, само да те гушнам силно...И ти ќе разбереш без да изустам ниту еден збор.