Mорам да се испразнам некаде...
A да не ви зборувам за тоа колку само немав воља да пишам. Колку само немав ниту инспирација да се плукнам себеси на парче хартија, на виртуелно прозорче, на нотесче. Колку само сфатив некои работи. Колку само мавнав со ракава. Колку само се зачудив и запрепастив од некои сознанија. Колку само си го чешкам главчево од вчудоневиденост.
И на крајот знаете што? Не ми е гајле за откинатиот есенски лист. Не ми е гајле дали некој ме разбира овде или не ме разбира. Не ми е дури ниту гајле дали некој мисли дека глумам некој кој не сум или сум таа која сум. Немам причина да се правдам ниту да се дообјаснувам. Не ми е ни гајле дали некој мене ми глуми другарство, наклонетост, позитивни чуства - не ми глуми мене, таквиот си го глуми целиот свој живот. Искрено не ми е ни гајле дали утре ќе изгрее сонце или нема, и онака не зависи од мене па зошто би се нервирала за работи кои се неменливи константи во овој проклето краток престој кој го имаме на земјава.
Знам само едно, дека љубовта постои, и верувам сеуште во искреност и несебична добрина токму онолку колку што знам дека постои завист, љубомора, зајадливост помеѓу луѓето.
А дури ни за тоа не ми е гајле. Кога еден ден ќе ви се стегне грлото толку многу што нема да знаете да изустите еден единствен збор, затоа што животот ве удрил со бетонски ѕид по глава - тогаш ќе разберете за што зборувам.
Овој пост им го посветувам на сите оние кои имаат вистински проблеми во животот бидејќи сум со нив во мислите и им посакувам поскоро решавање на истите.
Овој пост им го посветувам на оние кои имаат една единствена желба - да преживеат тие и нивните најблиски. Затоа што не е битно дали сте розеви, зелени или сини, и дали денес од досада сте решиле да хејтате некого, чисто онака - ради реда, битно е да сте здрави. И живи.
А останатите? Не се ни осмелувајте да му судите на некој во чиишто чевли не сте поминале ниту еден кокошкин или паткин чекор. Сеедно е - придавката е употребена за да ја визуелизира големината на чекорот.
Хвала вам на пажњи. А сад можете да смените телевизиски канал. Довиђења!