Обично често се растажувам за туѓи несреќи, ама ова е нешто што не можам да го заборавам. Ми стои како грутка и на ништо друго не можам да мислам.
Пред недела дена, бев до еден маркет покрај пазарот во Битола, а таму застанато едно дедуле, мило, со тажни очи и продаваше некои шарени цвеќенца за украси. Додека чекав да испазаруваат, го посматрав цело време и толку ми падна жал, стварно не можам да објаснам колку многу. Имав нешто ситно 300 ден мање више во мене.
Тргнав накај него да му ги дадам. Сметав дека е таков човек што би му го дала и цело лото да ми се паднеше во тој миг.
Не сакав да го навредам и решив да му купам цвеќенца за 300 денари.
-Здраво дедо.
Едвај се воздржував да не заплачам. Толку добрина, напатеност, чувства и човечност не сум видела никаде во други очи.
- Глув сум јас, не слушам ништо.
Ми рече со насмевка, како да се му е погодено, како да не треба да проживува удобна старост дома, на топло, место да продава цел ден шарени стапчиња на минус степени, облечен само со слабо палтенце на кое му поминало векот.
Му ги дадов парите и сакав да се тргнам, готова бев да заплачам...
Почна да доаѓа по мене.
- Земи ги сите. Сите се 350, ама имаш 3 од мене гратис. И те молам кажи ми колку е саат со прсти, зошто јас не знам да гледам на саат и не знам да читам ако ми напишеш.
-Еден е дедо.
Му покажав со прст и го гушнав, а солзи ми се тркалаа по лице. Да, заплачив на сред центар за некој што прв пат го видов.
Да имав, ќе му дадев се....
-Не можеш да ги плачеш ти сите несреќи. Сенешто има по светот. Има многу полошо...
Ми рече некој од моите на враќање.
Знам, има и сум видела и полошо, некој ќе рече па и не е толку лошо, човек што продава на пазар. Ги има многу такви.
Ама, во човекот има нешто посебно. Нешто што ме тера да мислам и да се секирам. Нешто што заслужува да му се помогне, бар да го проживее животот што му останал достоинствено и удобно...
Кога можеме да се луксузираме со различни штикли, различна облека, различен накит што ќе одговарал на се тоа, можеме и да помогнеме на некого.
И сакав да прашам, го знае ли некој тој дедо?
Има ли некој идеа како да му помогнам?
(И нешто што жално е што морам да го напоменувам секогаш кога ќе пишам пост тука. Немам задни намери со постов и ве молам не го употребувајте во иднина во никој случај, иронично или саркастично вметнат. Нит сакам да се правам добродушник, нит сакам нешто друго да кажам што не е кажано погоре. Не сум баш добра душичка, гледам, жалам и одминувам и заборавам, само него морам да му помогнам, зошто не можам да го заборавам)