Одам . Убаво ќе беше да знаев каде . Само сакам да одам некаде каде што никого не познавам , никој не ме познава и некаде далеку од тебе ...
Чудно е како се одвиваа нештата ... Зима ,црвени образи , разиграни дечиња на снегот , по некоја залутана снежна топка и смеење , лизгалица направена од минувачите , смешно паѓање ,подадена рака , црвени образи но овојпат од срам , и еден поглед. Топло чоколадо , разговори , многу заеднички нешта и ветување за следно видување. Си дојдов дома а сеуште ги чувствував пеперутките во стомакот . Не , тоа не беа пеперутки , дефинитивно беа поголеми животинки... Додека ми се одржуваа олимписки игри во стомакот заспав , со насмевка на лицето .
Сега се пакувам . Надвор е пеколна горештина. Ми предизвикува мачнина и пијам чаша вода . Солени капки ми се слеваат низ лицето , но тоа се солзи . Незнам зошто плачам . Дали заради мене или заради фактот дека нема повеќе да го видам. Помислувам дека нема да ми собере се во куферот , но продолжувам да се пакувам . Наидувам на фотографија помеѓу една книга . Две насмеани лица. Не се прегрнати но околу нив се наоѓа прозирна прегратка која ги спојува . Девојката носи топол сив џемпер а момчето држи шолја чај . Околу нив неколку лица кои зјапаат , како и секогаш кога ќе блесне блиц од фотоапарат . Понатаму неколку лица со свои приказни . Некој нервозно пуши цигара , новопечен пар се расправа за неважни работи , девојка која се смее со солзи во очите... Но девојката и момчето не обрнуваат внимание на околината, тие само помислуваат : Ова е нашата прва фотографија ...
Време е да тргнам . Седнав да соберам храброст а солзите беа без прекин. Имав голема грутка во грлото и тешко ми беше да зборувам . Но и онака немав со кого . Помислив да се јавам за да се збогувам , но доволно го повредив . Подобро е да не знае... Станав и тргнав по улицата . Илјадници мисли ми се вртеа во главата и многупати се свртев назад како да сакав да се збогувам со мојот град,мојата населба,мојата куќа...Стигнав до еден свиок и видов знак кој имаше стрелка за свртување десно. Некој се нашалил и на знакот напишал ''To nowhere'' ... Почувствував како ме облива ладен бран.Свртев лево со сега зголемената грутка во грлото...
Додека ја слушав сирената , возот полека тргнуваше...Патниците влегуваа и излегуваа од купето , а јас помислував дали сум единствената која не сака да се наоѓа овде.Зјапав во небото а сонцето го сечеше прозорецот како што мене ме сечеше невидлив меч во срцето.Веќе беше на пола...
Размислував каде ќе ме однесе животот,по кои патишта ќе тргнам и дали ќе го сретнам некогаш...
Се преправав дека читам книга , само за да не разговарам со патниците во купето. И онака немаше што да кажам...Се обидов солзите да ги скријам со наочари за сонце но безуспешно , си наоѓаа тајни премини и сепак завршуваа на страниците од книгата . Некој човек ме гледаше со сожалување , и тоа ми паѓаше многу тешко...
Чудно е како се одвиваат нештата... Лето , пеколна горештина , јас патувам , сама , осамена ... Патоказот на љубовта ме донесе до тебе а јас го пропуштив тоа.Колку себичен и бесчувствителен треба да си за да го сториш тоа - се прашував. Ќе ме донесе ли пак до тебе , ќе добијам ли друга шанса, или се ќе остане како спомен ,како едно минато...Секоја приказна има крај.Нашата беше од оние приказни кои завршуваат тажно...