Нема ништо чудно во „чудото“ во „Свети Димитриј“
Ако свети Димитриј нема никаква директна врска со настаните во неговиот храм, тогаш причините за појавата на „чудото“ треба да се бараат на сосема друго место и од сосема други причини
Коста Балабанов
Најблаго речено, ме изненадија информациите што ги слушнав и прилозите што ги видов на неколкуте телевизии завчеравечер. Прво помислив дека станува збор за некоја заостаната шега од првоаприлските, меѓу кои морам да признам имаше и духовити. Потоа, наивно помислив и верував дека посегнувањето по чуда веќе поодамна не се наоѓа во арсеналот на оружјата со кои христијанските цркви се борат во време на економски кризи и кризи од друг вид. Но, не било така!
Во коментарот на една од телевизиите беше речено дека се појавило чудо и дека чудото е во тоа што ѕидните слики во внатрешноста на храмот „Св. Димитриј“ во Скопје се самоисчистиле и дека сега златото и ореолите и одеждите на светителите, насликани поединечно или во композиции, сјае со голем интензитет, а претходно, само два-три дена, тоа било потемнето и без очекуваниот златен сјај.
Од конзерваторска гледна точка, оваа појава е одамна позната и евидентирана. Така што, по мое мислење, нема никакви и најмали можности, од аспект на конзерваторската наука и практика, оваа појава да биде третирана како „чудо“. Што се однесува, пак, исто така, до одамна познатата и евидентирана метода одредени цркви и манастири, не само кај нас во Македонија, туку и пошироко во христијанскиот свет, кога ќе западнеле во тешки, најчесто финансиски проблеми, спасот да го бараат, а често е, и тоа е веќе вистинското чудо, и да го наоѓаат во појавата и дистрибуцијата на различни „чуда“.
Најчесто „чудата“ се врзувани за ликовите на најрепрезентативните светители (Богородица со малиот Христос во рацете, Исус Христос распнат на крстот, или со некои, меѓу верниците популарни локални светители, со улога на заштитници, пустиножители и покровители), независно од тоа дали станува збор за икони, работени на дрвена подлога, сликани со темперни бои или, пак, со ликови на светители во рамките на ѕидното сликарство во храмовите (изведено во fresco или secco техника), вообичаено градени од цврсти материјали.
Случајот со „чудото“ во „Св. Димитриј“, според мое мислење, непосредно е врзано со претпразничното генерално велигденско чистење на храмот. Ваквото чистење редовно се прави секоја година, при што на камениот или на бетонскиот под се истураат поголеми количини вода, со што во голема можна мера се зголемува влажноста во внатрешноста на просторот. Температурната разлика помеѓу температурата на ѕидовите и температурата на воздухот во објектот предизвикува појава на кондензација врз ѕидовите, која најчесто е видлива и со голо око. За појавата на зголемена кондензација придонесува и релативно малата кубатура на внатрешниот простор на храмот.
За разлика од некои од претходните години кога задолжените за хигиена во храмот ја практикувале истата постапка, користејќи исти средства за одржување на хигиената (вода), а „чудото“ не се појавувало, оваа година влажноста во Скопје е значително зголемена, за што укажуваат и извештаите на метеоролозите, а од друга страна, оваа година, што не беше случај со изминатите, околу храмот „Св. Димитриј“ беа подигнати неколку повисоки згради, кои го запреа или пренасочија циркулирањето на воздухот на овој дел од левиот брег на реката Вардар.
Покрај тоа, улицата која води од Камениот мост кон Старата чаршија подолг временски период е преградена со висока лимена ограда (поради изведување градежни активности за споменик на тој простор), со што дополнително е прекината циркулацијата на воздухот, кој несомнено има влијание врз сушењето на ѕидовите на храмот. Подолг временски период, на овој простор, а во непосредна близина на храмот „Св. Димитриј“, имаше ископ на земја во длабочина од два три-метри, каде што преку зимата, и подоцна со дождовите, во длабината на овој простор навлезе поголема количина вода која, може да се претпостави, значително ги зголеми подземните води, што доведе и до зголемена влажност на темелите на храмот.
Како резултат на гореспоменатите можни причини, деновиве енормно се зголемила кондензацијата на влагата врз ѕидовите на храмот посветен на св. Димитриј и таа зголемена кондензација сега претворена во покрупни капки вода почнала да тече по ѕидовите на кои се насликани светители и сцени од теолошката програма на храмот. Зошто светнале единствено златните ореоли и златните украси на облеката на светителите кои требало да бидат насликани со златна фолија.
Овие точно одредени морало да бидат посебно технички обработени од страна на зографот, за разлика од облеката сликана во земјени бои. За да се добие саканиот ефект од нанесената златна фолија, таа да ја одбива правилно насочената светлина, тоа место на насликаната облека или ореолот првин требало многу солидно да се израмни, да се доведе до перфектно израмнета површина (зографите за гланцање на овие места употребувале алатка изработена од рог на елен).
Во оставнината на зографот Атанас од Крушево, открив две такви алатки.. Така обработените, однапред фиксирани места, овозможуваат златната фолија да легне врз подлогата без да се појават дупчиња или нерамнини кои неправилно би ја одбивале светлината. Меѓутоа, со време, врз насликаните светители на ѕидовите на храмот се таложеле прашина и саѓи од чадот на свеќите што придонело тие да го изгубат сјајот, односно да потемнат. Посебно тој ефект се одразил врз местата на ореолите и облеката покриени со златна фолија. Сега, кога зголемената количина вода од кондензацијата потече по сликаните ѕидови, најлесно и најбргу се растопија саѓите и правот од местата покриени со златната фолија, со многу мазната метална површина и поинаквата температура на металната фолија, така што тиа светнаа, додека другите површини работени со земјени бои кои не се мазни, туку се со рапава структура, се разбира, не го постигнаа во толкава мера ефектот на миење, односно на отстранување на правот и саѓите.
Чудото во храмот на солунскиот војвода Димитриј во Скопје ќе престане, според мое мислење, со намалувањето на влажноста, која колку што можев да видам, сепак, не е единствена причина за толкаво и многу бргу и ефектно светнување на ѕидните слики во храмот. Мислам дека на кондензацијата и на ефектот на миењето на ѕидните слики во случајов помогнале и одредени интервенции од страна на човечки фактор. Тие, веројатно со употреба на мокри крпи или други алатки, едноставно помогнале да се забрза процесот на чистењето, односно светнувањето на другите слики, затскривајќи го овој чин (инаку, недозволен од аспект на Законот за заштита на спомениците на културата) со појава на „чудото“, со самомиење на ликовите на светителите во храмот.
Некои од учесниците во создавањето на ова „чудо“ во скопскиот храм, се разбира, знаеле за житието на светителот, кому му е посветена црквата - дека тој е великомаченик и чудотворец и дека, меѓу поголемиот број, едно од најзначајните чуда е одбраната на градот Солун од нападите на Словените кон крајот на 6 и во 7 век.
Единствено за мене останува нејасно што сакал да каже св. Димитриј, остварувајќи го ова „чудо“ со самочистењето на правот и саѓите од ѕидните слики во неговиот храм во Скопје ако, се разбира, тој би бил единствениот реализатор на „чудото“. Ако, пак, на некој начин се покаже дека тој нема никаква директна врска со ова дејства, тогаш причините за појавата на „чудото“ треба да се бараат на сосема друго место и од сосема други причини. Веројатно, некои индикации ќе се појават откако ќе се сумираат финансиските ефекти од „чудото“ во црковната каса, кои понекогаш, како што покажуваат одредени примери во христијанската екумена, имаат ефекти над разумните очекувања.
Стручните лица не објаснуваат „чуда“
„’Чуда’ не објаснуваат стручни лица. Треба ова ’чудо’ да и' го оставиме на црквата, на религијата, на свештенството и да сметаме дека тоа е така за нив. Нема што за тоа да кажува науката, бидејќи таа не се меша во состојби што ги прокламираат црквата, религијата и свештенството.
Не би сакал со образложението на стручните лица да им се наруши верувањето на луѓето во ’чудото’ во црквата ’Свети Димитриј‘“, изјави вчера Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство. (К.Б.)
(Авторот е историчар на уметноста)