Предновогодишна атмосфера. Таа ја накити куќата како што секогаш го правеше тоа, но секоја година се покасно и покасно.Овој пат два дена пред нова година.
Се прашуваше дали навистина воопшто требаше да ги стави сите тие мали украси и дребулии кои внимателно беа одбирани низ годините.
Тој ја праша културно каде сака да оди за новогодишната вечер. Таа само ја поднамести косата и внимателно одговори- Сакам да сум дома.
Тој-Што ќе правиме дома? Како утки ли ќе седиме сами?
Таа-Во ред.Како сакаш така ќе правиме, но малку сум уморна.
Тој зајадливо и луто праша-Ќе се гледаме ли?
Таа прошепоти-Не знам.
И мислите почнаа да извираат како ерупција во нејзината глава до момент кога и се замати видот. Го памети предновогодишниот разговор многу години нананзад. Секоја буква ја знае, може наизуст да го изрецитира, без грешка, некогаш и солза ќе пуштеше. Но, денес и сега неможеше да солзи. Едноставно се беше многу далеку и назад. Ехото од неговите зборови само извираше од неа.
...Ќе имаме деца, знаеш ли?
...Деца? Мислиш дете?
...Деца душичке, две срца бијат во мојата утроба...
...Чекај, чекај, од каде сега ова? Се договоривме само уште едно, нели?
...Ама, ама, Господ веројатно не почестил.Сме му биле мили. Тој не дарува секому толку среќа...
И тишина. Веќе никој ништо не спомна. Нејзиниот стомак растеше. Таа секој ден се гледаше во огледало и беше најсреќна на светот.
И се молеше за нив. Му благодаереше на Бога и го молеше да му прости нему, дека тој е збунет, и не е лош човек. Само е збунет. А таа безгранично го сака. И му шепотеше во молитвите дека има љубов за нив, дека има многу љубов...
Поминаа месеци. Тој беше нервозен и се почесто викаше по неа, како не го погодила ручекот, како чаршавите не биле правилно испеглани, како се сиромашни, како се неспремни....
Таа го слушаше и слушаше , но ништо не допираше до неа. За прв пат ништо не допираше до неа. Беше во својот свет најсреќна со нив.
Редовно сама одеше на лекар и наоѓаше илјада причини кога лекарот ја прашуваше што прави среќниот татко. Но , тој беше нејзин, а тие беа негови. Немаше причина за грижа. Ќе помине си велеше..Не се штедеше во работата, работеше напорно само да не му ускрати нешто. И ручекот беше топол, и кошулите испеглани,и домот чист. Се беше во најголем ред. елката беше накитена, а стомакот заоблен. Добро го прикриваше со џемперите. Беше преморена, бледа и тешка.Седна на фотељата , нешто и се замати во главата.Почувствува оштра болка и топлина во препоните.Болеше, болеше до срцето болеше.
Носиме во болница, готово е-таа викна.
Тој знаеше и брзаше.
Ќе биде се во ред , не брзај-низ заби процедуваше.
Одтогаш тишината стана непремостива меѓу нив.Таа никогаш не му прости , но и тој никогаш не побара прошка. Никогаш не зборуваа за нив. Тој се плашеше да остане на само со неа.
Ќе се гледаме ли?-прашуваше и денес. Чаршавите не се доволно испеглани-мрмореше.
-Веројатно незнам убаво да ги пеглам. Ме боли раката и неможам силно да притиснам. Задоволен ли беше кога ги однесов последниот пат на сервис?
Не доби одговор. но одговорот не и беше битен.