Излегов, иако знаев дека е доцна...Излегов, иако знаев дека е ладно и дека ќе ми смрзне секој дел од телото...Излегов, иако знаев колку е несигурно да седиш сам во таа доба..сепак излегов..
Го зедов новиот телефон, на кој неможам да му се радувам поради ситуацијата во која се наоѓам, се обидов да ја исконтактирам единствената личност која знам дека ќе ме ислуша и ќе ме сфати, но таа веќе беше потоната во, се надевам, безгрижен сон незнаејки што се случува со мене..
Седнав на ладниот бетон и размислував. Почнав да губам осет на дланките и стапалата, но сепак седев, пуштив музика, која никогаш не ја слушам кога сум во добро расположение. Речиси не обрнувајки и внимание на музиката, почнав да размислувам за сето она што ми се случува, за лошото секојдневие, за луѓето околу мене, за финансиската состојба и за сето она што морам да го правам за да ги сокријам проблемите, за маската која ја ставам на лице пред луѓето со цел да ја прекријам тагата и болката што тлее во мене. Во тој момент се мразев себе си, го мразев тоа што сум и тоа што се преправам дека сум.. Го мразев тоа што морам да глумам силен, што морам да глумам дека се е во ред, го мразев тоа што се кријам себе си, го кријам моето меко срце и мојата ранливост.
Запалив цигара, иако прстите ми беа веќе „смрзнати” ... го мразев и тоа...тоа што трпам болка само за да задоволам една потреба која представува ништо друго, туку многу лоша навика.. го мразев и тоа што сепак уживав во неа.
Неможев да ги тргнам мислите од тоа парче хартија кое управува со светот, со човечкиот живот, со нашето секојдневие..парите! Нештото што животот ме натера да го мразам, а ми е толку потребно, беше едно од причините што го правам ова, што седам сам, надвор, на ваков студ, во ова време.. Помислив на секој денар што го имам потрошено залудно, но сепак на некој начин сум бил приморан, а тоа правеше да се мразам уште повеќе.
Размислував...за тоа што можам да направам, барав начин да го сменам тоа, неможев да најдам и се осетив мизерно и безкорисно..мојот пат беше одбран, одбрав да студирам, иако сеуште не сум сигурен дали тоа беше правилната одлука, сепак го одбрав тој пат. Можеби не е единствената пречка за тоа да превземам нешто околу ваквата ситуација, но сакав да биде така, единствено така се осекав помалку мизерно..
Помислив на моите родители и тоа ме скрши, особено помислата на мајка ми, на тоа колку и е неа тешко, како таа се чувстува кога не по своја воља е принудена да седи дома и колку таа се осеќа безкорисно, знаејќи го фактот колку е таа чувствителна. Неможам ни да замислам како и е неа, кога гледа дека нејзините најмили патат, кога осеќа грижа на совест за состојбата дома. Пред очи ми се појавува нејзиниот лик и тоа ме боли.
Дури и во моите мисли го гледам нејзиното лице потиштено, ја нема ведрината, очите во кој секогаш пишуваше „се ќе биде во ред”, дури ни таа веќе не се осмелува да каже дека ова ќе помине, дека се ќе се смени, не се осмелува да вети подобро утре..
Ја палам и втората цигара немајки намера да одам дома и да се стоплам, го трпев студот како да се казнував себе си за нешто...можеби токму тоа потсвесно го правев..се казнував себе си за она што сум. Мислите не престануваа да се вртат низ глава и се полошо се чувствував..Го држев телефонот во раце како да очекувам позив, свесен дека нема никој да заѕвони, дека во тој момент на никој не му е гајле за мене..но како да се надевав дека некој ќе заѕвони и ќе ми понуди помош....но залудно. Како што реков, речиси никој не знае за тоа што ми се случува, а и тие што знаат неможат да ме разберат и помогнат, па нив се им е во ред, единствените нивни проблеми се од љубовен карактер, а мене љубовта ми е најмалце важна...се прашував каде се сега кога во себе „врескам“ за помош, каде се сега да ме утешат да бидат со мене и да осетам разбирање и поддршка..Се прашував дали со тоа што секогаш сум бил поред нив, сум сочувствувал со нивните проблеми и сум пробувал да им ги решам сум бил добар пријател или обична будала..се прашував дали биле благодарни или само ме искористиле..кој знае..Но што и да беа до мене, ќе ги слушнев иститe зборови, кои ги слушам постојано и за кои сум свесен дека се оние зборови кои се кажуваат кога не знаеш што друго би кажал, а за кои сите се свесни дека се лага „ Не се секирај, ќе биде подобро”
Додека седев слушнав чекори, но не се исплашив, дури и како да се израдував, не ги слушав како чекори на опасност, туку како чекори на помош..Но се појави лик кој во никој случај не сакав да се појави..опасна, маалска пропалица, но не се исплашив, иако знаев дека сум сам и не заштитен, а тој спремен на се, не се исплашив, бев мртов-ладен без да помислам дека постои можност да ми наштети, но тој само си продолжи по патот, речиси не обрнувајки ми внимание. И тој кутриот ја има истата мака. Проблемите го направиле таков, безпарицата го претворила во олош. Тоа ме заплаши. Што ако неговото поминување не беше случајност, што ако беше знак дека ќе ми се случи истото, дека ситуацијата во која се наоѓам ќе ме претвори во таква личност..во личност спремна на се за да преживее.
Догоре и втората цигара, но сеуште покрај неприликите во кои се наоѓав ја одбивав идеата да одам дома, на топло. Сакав да поседам уште малце, ми годеше звукот на ноќта, ми годеше ладното ветре кое ми го „сечеше” смрзнатото лице, ми годеше вкусот на третата запалена цигара..едноставно сакав да седам.
Телефонот заѕвоне, ми заѕвоне една од подрагите личности во мојот живот, но јас немав воља да се јавам, не сакав да ја разбијам тишината поради телефонски разговор кој не сакав да го имам во тој момент, а и за што би правел муабет со некој што не сака да го чуе она што имам да го кажам, со некој на кој неможам да му го кажам она што сака да го чуе, со некој што заборавил како е да се биде како мене и што не може да ме разбере.
Затоа едноставно оставив да си ѕвони, јас само гледав кога ќе се отаже. После неколку обиди се случи и тоа, се отакажа. Тоа уште повеќе ме растажи, се осетив уште повеќе осамено..
Погледнав кон небото и како да посакав да сум таму, таму гледав мир и спкој, спас и утеха..имаше само една ѕведа, ѕвездата северница..Нешто не ми даваше да го тргнам погледнот од неа. За прв пат во животот се одушевив од нејзината светлина и убавина. Додека ја гледав го сфатив нејзиното значење..Тоа што беше токму таа единствената ѕвезда во темното небо не беше случајно. Таа слика представуваше смислата на животот..да се најде светлата точка во црнилата што не опкружуваат. Оваа слика ме натера да продолжам со размислувањето, ме натера да почнам да ја барам светлата точка во моите црнила. Морам да признаам дека не ми беше така лесно да ја најдам, но бев надежен дека таа сепак постои и дека можеби не сега, но дека ќе ја најдам. Почнав да ја барам секаде, во секој дел од мојот живот. Не ја најдов, не вечерва, но утре? Кој знае. Можеби моменталната состојба ми го попречува тоа, главата ми беше преполна со лоши мисли, ми беше лошо и непријатно.
После долго седење сфатив дека ништо не сум постигнал, дека додека го правам ова нема ништо да решам, дека само си наштетувам, единствена паметна работа што можев да ја направам е да си отидам дома, да се згреам, да и се насмевнам на мајка ми да и посакам добра ноќ, да се затворам во својата соба и да си ја „оладам” главата со нешто позитивно, да го дочекам утрото и да преминам во некоја друга состојба, во некоја позитивна состојба кога ќе бидам во можност да почнам со, ако ништо друго, барање на ѕвездата северница во овие црнила.
Тоа и го направив, станав од бетонот и дури тогаш сфатив колку е всушност ладно. Се упатив кон дома, стигнав пред врата, за момент се предомислив но сепак ја отвори. Ја осетив топлината и тоа ме израдува, влегов и ја погледнав мајка ми, болката повторно се врати, но успеав да ја искривам устата во еден вид на насмевка и да и посакам добра ноќ. Влегов во мојата соба и уште повеќе ги осетив последиците од студот на кој се изложив. Но не се покајав. Морам да признаам ми годеше.
Одеднаш се вратив во нормала, главата ми се разбристи, ја снема потребата од музиката која ја слушав до пред некој момент, ми се врати стандардниот лик, ги снема знаковите на грижа од моето лице, ја снема болката од моите гради и само осетив потреба да си го пуштам омилениот филм, да се сместам во својот кревет и да потонам во длабок и безгрижен сон знаејки дека проблемите не изчезнале, дека тие сеуште постојат, но се утешив со тоа дека можат да почекаат барем до утре...