Многу ми се допаѓаНекогаш имаше
И ѕвездите ќе истечат од очите на мртвите,
ќе прогледаат со нив и слепите,
живите ќе побараат прошка,
ќе се соочат со трошките,
кои нема да ги наситат ниту со клунот на птиците,
милоста ќе биде закована во дрвото на распнатиот,
не ќе постои ни истокот ни западот,
сѐ ќе се свие во жал и бол на тие што носат тело од крв и месо,
без душа сѐ ќе покрие стопен бран и нема да се знае ничие име,
ќе биде проголтано со гладот на хиероглифите,
безбожно,
зошто некогаш имаше бог,
кој себично го прокоцкавме.
Има Ноќ
Живите се неми, под сенката на Утре,
Утре, за тела без души,
Утре, за поглед меланхоличен,
Утре, за тага и мисла празна,
Утре, будење на срцата за зло и болка,
будење на очите за плач,
на усните за отров и глад...
Но, има Ноќ, од чии урни спокојно истекува,
рој светови и една кадифена река,
и еден сон што лекува.
Гледај, мермерот надгробен белее во темнината,
тополите вишни кротко веднат глави,
слушај, мртвите чекорат низ дрвјата,
кон починката тиха што освежува,
со чекор волшебен под сјајот на месечината,
ослободени од грижите на иднината.