Дека живееме во пропаст држава е неоспорно, ама и дека сме дембели од народ ( со чесни исклучоци) е факт подвлечен со црвено.
Колку што нема навистина работа, повеќе нема воља да се мрдне задник од кревет. Некако најлесна варијанта остана коментирањето дека не може бе да се работи за 200-300 евра плата и најубаво дома со скрстени нозе да се седи, да се грицкаат семки и на 30 и кусур години да чекаш мама и тато тампони да ти купат.
Јасно е дека имаме умови кои е греота да ги испуштиш да се одлеаат од држава, ама ете нажалост раководството наше е сконцентрирано на терање лични кејфови наместо вистински општествено-економски напредок. И сигурно дека тој некој кој не спиел по цели ноќи над книгата, што шета со полу обелена коса на 25 год. што јадел едно геврече во текот на цел ден за да обезбеди книги, престој ( во случај да е од друг град), што дал не 100 ами 200% од себе да заврши факс со највисок просек нема да чека да се освести Грујо или Бранко или Јанко дека вреди и да го добие тоа што го заслужува - работа и плата! Така да, пут под ноге и чао журим.
Мене парадоксално ми е што намалија партиципации за факултети, отворија низ градовиве факултети, а за што? За да креираат невработен кадар?
Е, сега сакам да напоменам и нешто друго.
Не можеме сите да имаме најубави работни места. Јас еве немам факултет. Кога требаше да се запишам, немаа моите можност од финансиска гледна точка, подоцна јас најискрено изгубив желба и си останав само со средно. Арно ама, не останав без работа.
Вистина е, на почетокот сум работела без слободен ден за мизерни пари, ама се потрудив, јајце снесов и се вработив на убаво место без ничија помош. Можеби не земав 500 евра плата, ама реално не можам ни да ја очекувам.
Никој не ми подарил ништо во животов, јас дали сум имала што да јадам, дали сум имала подочњаци од растрчување, дали сум имала пари да платам кирија, сметки никој не ме прашал ни па сум тропнала на нечија врата, дури ни од мајка ми 50 денари не сум земала.
Се окозив! Значи не знам како да објаснам дека додека сите лакираа нокти и правеа муабет за хулакопки и дискотеки, јас `рмбав.
Ама искрено, горда сум си на себе. Колку што можев постигнав и повеќе од тоа. Еден период останав без работа, зашто фирмата се затвори од приватни причини на претпоставените, ама се вработив во уште подобра фирма
Работам работа што ни на крај памет не помислував дека ќе ја работам и за изненадување се пронајдов максимално во истата и дадов се од себе.
По само два месеци, без претходно никакво искуство се вклопив одлично, што ми најавија покачување на плата.
Задоволна сум, сигурно дека немаше подобро да поминам ако чмаев и кукав како нема работа.
Сакам да кажам дека некогаш и сами сме си криви, зашто бараме работа а се молиме да не ја најдеме, ќе напоменам пак со чесни исклучоци.