Запри ја вревата на целиот свет и легни до мене под нашето ќебе. Не изустувај ниту збор. Остави звукот на твоето дишење да ми ја говори вистината. Зошто јас не можам да ја погледнам во очи вечерва. Сакам да ја слушнам само од твојата присутност. Нека биде брзо. Брзината од секогаш ни била најголемиот сојузник, а времето најголем непријател. Смешно, зар не? Таа длабока издишка ми го кажува сето тоа од што стравувам. Нема повеќе илјадници ,,Те сакам”. Тука повеќе не припаѓаш. Мене не ми припаѓаш.
Утрото од секогаш било долг кон заљубените очи како два пара џамлии во ноќта... Миличок, сјајот во твоите одамна згаснал, забележувам. Не сакам да го потрошам викендот на твојата ,,скоро вистинска љубов”. Само дај ми време. Дај ми уште некој твој утрински час. Уште само некој откинат час, со отворено срце и однапред откажана битка да заборавам.
Лежиме во мракот ти и јас. И нешто поранешно, што останало да потсетува на нас. Ајде да го трошиме времето залудно во тишината, бркајќи ги мистерозните ,,зошто” околу нашите замолчени глави. Додека ги кажуваме нашите неми и долги збогувања, како да имаме друг избор, се прашувам што ќе ја одржува твојата душа топла? Или поточно – која? Сигурно имаш на ум неколку ќебиња како нашето да се згрееш..
Време е дa си ги поделиме улогите.. Не сакам да ја играм улогата на скршена девојка повторно, а во тебе огнот за борба одамна е изчезнат. Затоа земи си ги алиштата, излези на прсти и повлечи ја под прагот на вратата сета наша заедничка историја во вител од чад и пепел...