Со нерешениот резултат и освоениот бод против Русија, започнаа математиките според кои Македонија би можела да го избегне четвртото место во Групата Б, а со тоа најверојатно и фаворизираната Франција.
Сепак, за да дојдеме до посакуваното трето место, потребно е и другите да одиграат за нас.
Најпрво, вечерва Данска треба да го победи Исланд, за да ја остави Македонија во игра за третата позиција во групата, според ова прво сценарио.
Доколку скандинавците вечерва слават, тогаш ќе го обезбедат првото место во групата и на Исланд ќе му го нанесат вториот. Воедно, тоа ќе значи дека Данска во последното коло против Македонија ќе влезе растоварено, а не се исклучува можноста данскиот селектор да ги одмора клучните ракометари, со што ќе се зголемат нашите шанси за победа. За ова посакувано сценарио да се оствари, потребно е и Македонија да ја победи Данска во петок.
Според второто сценарио, кое е помалку веројатно, Македонија може и со пораз или нерешен резултат против Данска да го освои третото место. За тоа е потребно Данска вечерва да го победи Исланд и во последното коло Катар да го победи Исланд, што е тешко за очекување.
Катар во моментов високо води против Чиле со 31:21, па оваа селекција со големи мотиви ќе влезе во дуелот со Исланд, кој доколку го добие, може да ги испрати „рибарите“ дома, а Македонија и со пораз од Данска да биде трета.
Постои
уште едно сценарио според кое Македонија може да се најде на третото место во групата. За тоа потребно е Исланд вечерва да ја победи Данска и ние во последното коло да славиме против скандинавците. Во тој случај, доколку во последното коло Русија и Исланд забележат очекувани победи, тогаш Исланд би бил прв со 8 бодови, Русија втора со 7, Македонија трета со 7 (поради послабата гол разлика од Русија) и Данска четврта со шест бодови.
Македонија би можела да биде дури и втора во групата ако вечерва Исланд ја совлада Данска, а во последното коло Исланд изгуби од Катар, а ние ја победиме Данска...
Математиките ќе бидат појасни по вечерашниот дуел меѓу Данска и Исланд...
Извор: Курир.мк