Циганките умираат.
По нив останува фалбата. Останува да ’рѓави, да ги запушува мозочните вијуги и затвора видикот со сенката на сопствениот нос. А толку е лесно да се истакнеш без да се наметнеш.
Само треба да бидеш човек. Доволно е и толку за да направиш разлика.
Во време на квази интелектуалност и интернет ера, каде секој зад монитор може да е најпаметен со гуглање, што всушност ја мери интелигенцијата?
Доколку сум ги прочитала сите продолженија на Купохоличарката и Твајлајт, можам ли да се пофалам дека сум поначитана од некој што прочитал две дела на Достоевски?
Квалитет пред квантитет или обратно? А, што е квалитет? И тој е индивидуален.
Интелигенција пред снаодливост или?
Всушност, снаодливоста е одлика на интелигентните. Не бе, што е интелигенција денеска?
Чист пример мои две блиски другарки.
1. Генијалец математичарка со освоени награди и признанија, цепи хемија, но е антисоцијален лик без емоционална интелигенција. Шупелка да правиш од нејзината емоционална интелигенција, зијан ќе си.
2. Учи за да пројде, но притоа учи многу животни лекции. Знае човечки да те сфати и поддржи.
Која ќе биде подобар животен сопатник?
Имаме плочки со димензии: висина - 25цм, ширина - 20цм, дебелина - 1.5цм. Колку плочки ќе се потребни да покријаат 3/4 од висината на ѕидот на кујната, доколку истата е 18 метри квадратни, а еден ѕид е висок 2.7 метри? И тогаш првава ко од пушка ќе го плесне резултатот, но тука завршил нејзиниот удел.
Ма, дајте ми вие плочки, ако си го најдам вистинскиот со кој заедно би ги лепеле со љубов, ме заболе за потребната количина. Дигитрони на секој чекор има. Вистински? Која е пак дефиницијата за таквиот? И таа е индивидуална.
Поента? Не го преценувајте она што не го разбирате, само затоа што делува интригантно за вашиот мозок.
Можеби истото е труло во длабочините.
Но, истото важи и за потценувањето. Секако, со спротивно значење на погорната реченица.
Моја Садета отиде да собира пластични шишиња...