знаеш како ми е?
.
замисли – прегласна музика
наеднаш, без најава, неочекувано трешти се` околу тебе
а ти не успеваш да сфатиш кај си
ни што точно се случува,
па се вртиш наоколу обидувајќи се да распознаеш
да видиш,
да рабереш зошто, како, од каде
ама прегласна е
толку гласна што ниедно друго сетило не ти функционира
и ништо не гледаш
и ништо не распознаваш
и никако не успеваш да разбереш
ни зошто, ни како, ни од каде
а ритамот беснее
навлегува полека во тебе
лази прво по кожата за да си најде пукнатина
и да се пробие се` до с`ржта,
го чувствуваш
а не можеш да се спротивставиш,
ни да избегаш,
ни милиметар да се помрднеш
и се` што мислиш е дека сакаш да престане
да се стиши
да се смири
и разумот се буни, се бори
но, срцето,
срцето те издава…
кога мислиш дека ќе се распрсне на илјадници парчиња
се запрепастуваш
сфаќаш дека тоа се препушта
полека го прифаќа ритамот
се навикнува
па почнува и само да збеснува
и
ужива!
ужива!
како границата на чувствувањето да се изместила
па она што во почетокот било премногу
наеднаш станува само нормално,
некако обично,
иако знаеш дека не е,
дека треба да најдеш начин како да ја стишиш музиката,
да и` го промениш некако ритамот
оти разумот не го прифаќа лудилото на срцето,
па на крајот успеваш
и се` е како што треба да биде
смирено,
нежно,
тивко,
а сепак не е така како што сакаш
зашто границата на чувствувањето веќе се изместила
и не можеш да ја вратиш назад
и не успеваш да чуеш ништо
или слушаш сосема, сосема тивко…
и
иако знаеш
дека има музика,
не ти е доволна
на срцето твое не му е доволна
тоа како воопшто да не ја чувствува
како да не чувствува ништо
не слуша ништо
ништо
па почнува да се гуши зашто го нема тој луд ритам
поради кој беснеело
и знаело дека е вистински живо
живо…
на крајот сфаќаш
дека се` што сакаш
е само да најдеш начин да си докажеш себеси
дека срцето сеуште ти е живо
дека сеуште може да беснее
дека може да чувствува…
се` што сакаш е
ти
да се почувствуваш така
како тогаш
кога срцето уживало
во лудиот ритам на таа премногу
премногу гласна музика…
.
ете
така некако