Издадена „Безгрижно талкање “ на старокинескиот мислител и филозоф Чуанг Це
Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера" од Скопје, неодамна ја објави книгата „Безгрижно талкање (Избрани текстови)" на старокинескиот мислител и филозоф Чуанг Це. Изборот, преводот и коментарите се на Ленче Тосева,
а преводот е извршен според руски изданија преведени од старокинески јазик.
Чуанг Це бил кинески филозоф кој живеел околу 4 век пр. н. е., најверојатно меѓу 370 и 300 година. Го сметаат за еден од најголемите учители на таоизмот, а неговото име, всушност, значи „Учителот Чуанг“. Живеел во државата Сонг (денешна провинција Хенан) во периодот на кинеската историја кога седумте помали држави често војувале меѓу себе. Тогаш се појавиле повеќе филозофски учења. Живеел повлечено, но сепак станал познат по своите идеи, мудри искази и записи.
Чуанг Це бил воздржан спрема дострелите на човечкото спознание, тврдел дека животот е ограничен, а знаењето е неограничено. Се противел на поимите природно и човечко. „Тоа што е природно – е внатрешно. Тоа што е човечко – е надворешно...“. Иако различните суштества се различни според својата природа, заедничко им е слободното доживување на природната способност. Преку законите, моралот и институциите луѓето се обидуваат да воспостават еднообразност и да ги укинат природните разлики. Тој се спротивставувал на управувањето со луѓето, а најдобар начин на управување е неуправувањето.
За Чуанг Це среќата претставува слободно манифестирање на сопствената природа која се нарекува Те и произлегува непосредно од Тао. Според него, она што се смета за човечка стварност претставува само голем сон. Зад вистинскиот сон, пак, постои вистинска вистина во која се влегува по големото будење. „Еднаш јас, Чуанг Це, сонував дека сум пеперутка – среќна пеперутка, која леташе задоволно наоколу без да биде свесна дека е Чуанг Це. Одеднаш, јас се разбудив и видов дека јас сум Чуанг Це. И јас сега не знам дали јас сум Чуанг Це кој сонуваше дека е пеперутка или сум пеперутка која сонува дека е Чуанг Це. А помеѓу Чуанг Це и пеперутката, несомнено, постои разлика. Ете тоа е она што се нарекува преобразба на нештата.“ Преобразбата на нештата претставува еден од клучните термини на филозофијата на Чуанг Це.
Главниот извор на учењето на Чуанг Це претставува книгата „Чуанг Це“, именувана по него, а напишана по неговата смрт. Таа е интерпретација на неговото учење, односно збирка со таоистички текстови од различни фази на развојот на таоизмот. Се смета дека деловите за мислата на третата фаза на таозимот се автентична филозофија на самиот Чуанг Це. Се претпоставува дека книгата ја составил Куо Хсианг, во 3 век.
Извор