27-ми Април - Бидете им пример на верните
(26-ти и 30-ти Април: Ширење на добро влијание)
„Биди им пример на верните во словото, во поведението, во љубовта, во верата, во чистотата.” (1 Тимотеј 4:12, Библија)
Сите оние со кои доаѓаме во контакт доаѓаат свесно или несвесно под влијание на атмосферата која што нè опкружува. Нашите зборови, нашите постапки, нашата облека, нашето однесување, па дури и самиот израз на нашето лице има одредено влијание. Секој импулс претставува семе кое што неизбежно ќе ја донесе својата жетва. Тоа е уште една алка во долгиот ланец на човековите случувања, кој што се протега во недоглед. Ако со својот пример им помагаме на другите да живеат според начелата на правдата, со самото тоа им даваме сила да прават добро. Со своето обраќање, тие ќе го вршат истото влијание на други, а овие пак понатаму на други. На тој начин влијанието, за кое што не сме ни свесни, може да биде благослов за илјадници од нив.
Ако фрлите каменче во езеро, тоа ќе создаде кружен бран по кој што следи друг, па трет, и така во недоглед. Круговите ќе се шират сè повеќе додека не допрат до брегот. Исто така е и со нашето влијание. Без наше знаење и без било каква контрола, нашето влијание продолжува да се шири или на благослов или на проклетство.
Колку е поширока сферата на нашето влијание толку повеќе добро можеме да правиме. Кога сите оние што тврдат дека му служат на Бога би го следеле Христовиот пример, практично применувајќи ги начелата на Неговиот закон во својот секојдневен живот; кога секое дело би претставувало сведоштво дека навистина го љубиме Бога над сè друго, а ближниот како самите себе - тогаш Црквата би имала сила да го подигне светот.
Кога младите би се угледале на она што е возвишено и свето, држејќи се до чистиот морал и цврстите начела, додавајќи на тоа и вистинска христијанска учтивост, би имало совршена благородност на карактерот која што би имала пристап насекаде, и силно влијание би се ширело во корист на доблеста, умереноста и правдата. Таквите карактери претставуваат најголема вредност за општеството, вредност што е подрагоцена и од златото. Влијанието што го вршат таквите е битно и за сегашново време и за вечноста.