Старата и веќе помалку излижана од употреба фраза дека Фудбалот бил најважна споредна работа на светот очигледно е резултат на логичка недоследност, но дека фудбалот и неговите фанови знаеле и знаат да предизвикуваат човечки жртви за жал е реалност.
Трагедиите на Хилзборо, во Брадфорд, на Ајброкс, стампедото во Москва, масакрот во Лима, настаните на Хејсел, Ажаксио или Максимир па дури и масовната тепачка во Порт Саид се јасен показател за својствата на динамиката на масата, на илјадници припадници на одреден колектив кои во настап на колективна психоза се способни да умрат и да убијат, спремни да тргнат во смртоносен поход кон `непријателот`, за слава на своите господари што понекогаш резултира со тешки последици кои се протегаат со децении.
Но ниту еден инцидент во светот на фудбалот не бил толку сериозен како оној во квалификациите за Светското првенство во Мексико 1970 кога во баражот за пласман од Конкакаф зоната се сретнале централноамериканските `гиганти` Ел Салвадор и Хондурас.
Две латински вукојебини познати по ништо повеќе отколку по светлите традиции на воени хунти, диктатури, земјопоседничка олигархија и маларија биле во лоши односи со години пред бараж мечевите. Оригиналната `банана држава` - Хондурас имал за нијанса поголем животен стандард од оној во Ел Салвадор што било доволна причина за околу 300.000 граѓани на Ел Салвадор да појдат на привремена работа `на црно` во соседната припиздина.
Соочени со растечка непопуларност поради својата инхерентна дебилност, властите во Хондурас морале под итно да најдат `внатрешен непријател` кој ни крив ни должен ќе ги преземе гревовите на локалната власт на себе. А за такво нешто немало подобра опција од илегалните мигранти од соседството.
Пропагандата започнала да ги обвинува салвадорците за сите проблеми во Хондурас, од лошата жетва па се до облачното време - за се` биле криви сезонските работници.
They took your jobs. They gonna impregnate your women. They gonna destroy us!
Малку по малку, најниските страсти започнале да се разгоруваат и сцената била подготвена за судар помеѓу...глупавиот и поглупавиот.
Хондурас, сиромашна затуцана фашизоидна држава каде што претседателите се менувале во зависност од расположението на управниот одбор на американската корпорација Јунајтед фрут компани и Ел Салвадор, сиромашна фашизоидна држава со наклоност на властите кон геноцид како пожелна мерка за одржување на социјалното статус-кво.
Првиот меч на 8.Јуни 1969 одигран во Тегусигалпа завршил со минимална победа од 1-0 за Хондурас. Започнале првите тепања на салвадорски мигранти. Реваншот во Светиот Спасител на 15.Јуни завршил со убедливи 3-0 за Ел Салвадор а локалното население во одмазднички занес - тепало па дури и убивало хондурански навивачи...
И како што само судбината знае да биде понекогаш чудна, правилата на ФИФА не биле како оние денешните каде што се смета гол разлика или даден гол во гости - туку морало да се одигра мајсторка, трет меч кој би одлучил за патникот на СП. При денешни правила, Ел Салвадор би отишол поради вкупен скор од 3-1 и никому ништо, немало да има војна и илјадници луѓе не би завршиле мртви или осакатени...
Одлучувачкиот меч се одиграл на неутрален терен, на 26.Јуни во Сиудад де Мехико каде што во драматичен и неизвесен меч кој забегал во продолженија - Ел Салвадор победил со 3-2 и се пласирал на светско. Гневни и разочарани поради сето тоа, фановите на Хондурас својот бес го истуриле врз бројните салвадорските работници низ земјата, започнале тепања, убиства и влечење на мртви тела по правливите улици со автомобили и џипови...
Такво нешто не можело да се толерира дури ни во една болесна земја како Ел Салвадор и наредниот ден власта на Ел Салвадор ги прекинала дипломатските односи со Хондурас. Војната била на прагот.
Припремите на салвадорските сили траеле до 14.Јули. Тие вклучувале поправка и опремување на прастарите авиони подарени од САД како воени вишоци од Втората светска војна, легендарните морнарички ловци Ф4У `Корсер` со своите препознатливи специфични крила, култните П-51 `Мустанг`, безвременските Ц-47 (ДЦ-3) `Дакота`, долговечните АТ-6 `Тексан` и нивите наследници АТ-28 `Тројан`.
Убав збир на познати и признати модели на авиони, но збир кој повеќе би одговарал за една фина музејска поставка, во време кога по светското небо доминирале двојно побрзите од звукот Миражи, Мигови-21 и 23, Ф4 Фантоми и слични бештии опремени со радари, напредна електроника и ракети `воздух-воздух` - употребата на четврт век стари ветерани од битките над Нормандија или Тарава било импровизација предизвикана од немањето средства за купување на фенси опрема.
Воздушните сили на Хондурас биле како огледало на салвадорските, потполно истите типови на авиони па дури и ознаките за национална припадност на крилата предизвикувале забуна бидејќи биле скоро исти...
14.Јуни бил денот кога започнал нападот на салвадорските вооружени сили против `клетиот непријател`. Уште во првите часови на нападот копнената војска успеала да се пробие низ слабата погранична одбрана и до крајот на денот да навлезе преку 50км во Хондурас. Транспортните ДЦ-3 глумејќи бомбардери преку монтирање на посебни рампи за бомби, заштитени од Корсерите - нападнале неколку писти со цел да го уништат хондуранското воздухопловсто со ненадеен удар. Needles to say, they failed. Освен страданието на неколку десетици цивили во поширок радиус околу пистите - успеале да уништат само пар АТ-6 `Тексани` и еден БТ-13 `Валијант` прастар авион за обука.
Наредното утро во акција стапиле и хондураските Корсери чии пилоти во секој случај биле супериорни во споредба со `комшиските`. Како резултат на тоа во наредните денови хондуранската авијација успеала не само да го запре напредувањето на салвадорската армија, да уништи скоро половина од стратешките нафтени резерви на Ел Салвадор, туку и значително да го поправи моралот на своите колеги од пешадијата кои биле склони на бесктво...
Последните воздушни битки исклучиво помеѓу авиони со `клипни` мотори во историјата - заршиле со десетина соборени салвадорски авиони и ниту еден хондурански. Не припомогнале ниту американските платеници кои биле ангажирани од страна на власта во Ел Салвадор бидејќи имале сомнителен обичај да избегнуваат директна борба...
Во бизарен сплет на околности, воздушните олдтајмери спречиле продор на салвадорската армија во Тегисугалпа и го промениле текот на војната, секој еден авион летајќи по три до четири борбени летови на ден и тестирајќи го лимитот на опремата и издржливоста на пилотите...
Борбите продолжиле до 19.Јуни кога под притисок на Организација на американските држави и меѓународната зедница кои вовеле санкции, власта во Ел Салвадор ја прекинала инвазијата и салвадорската армија се повлекла од Хондурас. Иако спорадични престрелки се случувале до почетокот на Септември, тоа бил крај на активните воени дејствија.
Епилогот на фудбалскиот меч кој продолжил со други средства надвор од зелениот терен бил најмалку 2.000 мртви и 5.000 ранети на обете страни, во најголем број хондурански цивили кои загинале при бомбардирања и гранатирања и салвадорски мигранти кои биле убивани како резултат на феноменот `Ако не можеш по магарето удри по самарот`, очигледно популарен и во Централна Америка во тоа време.
Војната оставила нарушени односи меѓу двете заостанати `етнички` групи, национализмот почнал да царува во умовите на сиромашните кампесиноси, седумдесеттите биле време на трка во вооружување меѓу двете страни а при крајот на деценијата започнале и граѓански војни кои ќе однесат повеќе од 300.000 жртви. Ионака слабата економија на Ел Салвадор била уште повеќе погодена поради протерувањето на сезонските мигранти, рапидно зголемените воени трошоци, санкциите и прекинот на трговијата со соседот. Ситуацијата во Хондурас иако за нијанса подобра сепак била на раб на очајот, мнозинството од популацијата подлегнало на црната чума на национализмот, оставајќи простор за тамошните власти уште повеќе да потонат во жестока клептократија на сметка на глупавата раја.
Како жална фуснота останува да се спомене и достигнувањето на репрезентацијата на Ел Салвадор на првенството во Мексико во 1970 за чиј пласман била платена толкава цена. Дали тоа храбрите и пожртвувани салвадорски играчи стигнале до борбата за медали? Дали барем ја поминале групната фаза? Па добро, дали барем освоиле бод?
Немало ништо од тоа, ги загубиле сите три меча без да постигнат гол - на тој начин служејќи за поправање на гол разликата на домаќинот Мексико, СССР и Белгија, конкурентите во нивната група...
На таков антиклимактичен начин бил ставен крај на една мрачна епопеја на поборниците на соголената колективна припадност чии плитки гробови ги краселе влажните шуми во некаква небитна Недојдија...