Градовите се познаваат по своите улици, тие се неговиот крвоток, тие го чинат неговиот лик, но во исто време тие се и речениците кои ја испишуваат неговата приказна. Зад секоја нивна кривина лежи нов траг за историјата на градот, на нивните тротоари дневно поминуваат илјадници судбини, секоја дупка кажува нешто за неговиот живот. Не можете да почнете ниту една добра приказна за некој голем град без да започнете од неговите улици, без разлика дали тоа е Њујорк или Македонски Брод. Но, се разбира, треба прво добро да ги познавате неговите улици, со сите нивни маани, доблести и специфичности, за да можете да ја раскажете приказната на вашиот град. Бидејќи веќе 34 години се движам по улиците на мојот град Скопје на сите можни начини, со сите превозни средства и од сите перспективи, што ми овозможи да го согледам и размислам како се менуваше, развиваше и видоизменуваше, а со него и сите ние и нашата земја.Во наредните текстови сакам да се обидам да ја раскажам приказната за мојот град и за нас што живееме во него, што ја чиниме неговата лика и прилика.Но, пред да започнам со присутноста на улиците во нашиот живот, би сакал да се осврнам еден многу интересен феномен на нивното отсуство во секојдневниот говор на Скопјаните. Скопјаните многу ретко ги знаат своите улици по цело име, презиме и број, дури и ако се во нивен комшилук, што знае секој кој се обидел да најде адреса прашувајќи ги минувачите на улицата. Дури и кога се обидувате да отидете на гости кај некој ваш пријател, самиот тој има потешкотии да ви објасни по кои улици да се движите за да стигнете до неговата зграда. Целиот опис ќе се состои од вртење лево на првиот семафор, поминување покрај бензинска пумпа, кафиќ или месара, за после три улици да свртите десно кај големото дрво и накрај да го најдете влезот со фризер или кладилница. На крај, толку ќе се збуните од упатствата, што ќе треба да понесете навигатор со вас како да сте рели возач, а воопшто не сте слушнале ни едно име на улица.Скопје како град особено се развива последните 130 години со изградбата на железницата, што е и случај и со другите престолнини на Балканот како Белград и Загреб. Но, за разлика од нив, пред да стане престолнина, Скопје има повеќе различни владетели, а секој владетел сака да остави свој траг на градот. Еден од главните начини како тоа да го направи е преку именување на улиците, секој според своите херои. Заради тоа, речиси на секои дваесет години улиците добиваа нови имиња, оставајќи ги граѓаните да не знаат како да ги нарекуваат улиците, дали според турско, српско, бугарско, југословенско или независно македонско име. Последната прослава на 100 годишнината на улица Македонија беше убав пример за тоа, кога можевме да видиме дека таа се викала улица Краља Петра, Цар Борис, Маршал Тито, за сега да се надеваме дека го доби конечното име за век и веков. Секоја нова генерација се соочувала со ново преименување на улиците, оставајќи ги дезориентирани, но и несвесни за историјата на својот град.Втората причина е тоа што Скопје доживува големи промени во својот развој и физиономија. До 1963 година доживува еден донекаде рамномерен развој, а неговото јадро се наоѓа од левата страна на Вардар, со своја традиционална урбана средина околу Старата Чаршија и Чаир. Но, сите добро знаеме какви промени донесе разузнавачкиот земјотрес во 63-та, целосно изменувајќи го ликот на градот, рушејќи го старото јадро и придонесувајќи за градежната експанзија и инвазија на нивите од десната страна на Вардар. Со тоа дојдоа нови улици, нови општини со нови имиња кои требаа да се запаметат и по кои требаше да се снаоѓаат граѓаните на Скопје.А, граѓани на Скопје имаше се повеќе и повеќе, особено од внатрешноста на земјата кои требаа да придонесат за новата индустријализација на државата, како и да студираат на новоотворените факултети кои имаа за цел да се образува нацијата. Сите тие дојдоа без претходни познавања на градот, неговата историја, ниту пак неговата географија, а мораа да се снајдат и да го најдат својот пат во него. Заради тоа, логично беше да се ориентираат наместо по имињата на улиците, по истакнатите објекти или ако не по нив, тогаш по најпосетуваните и најпопуларните. Затоа и Рекорд стана толку важно место во животот на Скопјани, а Ристиќева Палата доби дури легендарни конотации за една станбена зграда. Заради тоа, местата за храна и среќавање станаа дури и места кои означуваа стил на живот, веднаш се знаеше кој од која провиниенција ако се среќава на Коцка или пак кај Ванила. Мојата генерација се среќаваше кај Ким за да тргне во град, а се собираше во Аркадија или Кинг Бургер за да раскаже како било. Сендвичари кои воглавно веќе не постојат, но се останати како ориентири. Иако од Рекорд се останати само неколку букви, а автобуската станица е поместена подолу, сѐ уште се договараме да се сретнеме таму, наместо на ул. Димитрие Чуповски, нели.Денеска сме сведоци на ново време, кога Скопје е главен град на независна Македонија веќе 20 години и нормално е да се очекува дека улиците ќе можат да здивнат и да бидат сигурни во својот идентитет. Но, како и сите нас, и тие не се оставени спокојно да уживаат во својата независност. Многу од нив сѐ уште имаат двоен идентитет, како на пример, мојата улица која сѐ уште не знае дали се вика Сава Ковачевиќ или Христо Татарчев, а не е единствена. Нивниот изглед постојано се менува, не само во центарот каде што постојано добиваме нови бетонски, бронзени и мермерни ориентири. Веќе добиваме една генерација на нови стари Скопјани, кои со носталгија се сеќаваат на некое друго Скопје и некои други улици.Затоа, не се изненадувајте зошто во Скопје сѐ уште не заживеал GPS-от, а зошто сѐ уште се договараме да се најдеме на Дом на градежници или кај Фурна во Чаир. Скопјанцеот мудро ќе си ги памти значајните места, а не имињата на улиците, се додека не е сигурен дека неговиот град може да здивне и да биде сигурен во својот изглед и идентитет.Истото важи и кога се договарате да се најдете со пријателите на кафе или во град. Само потсетете се, дали некогаш сте се договарале да се најдете на Димитар Влахов 22 или на Васил Ѓоргов 75, или пак секогаш се чекате на Рекорд, на Ким или кај Палма? Една причина за тоа е што Скопјаните едноставно не ги знаат имињата на своите улици, освен на најголемите како што се Партизанска, а се ориентираат по познати места, објекти или продавници. Но, се поставува прашање зошто не се ни обидуваат да ги запомнат имињата на улиците на својот град. Одговорот на тоа мислам дека многу кажува за историјата на нашиот град, но и за историјата на нашата држава. Ќе се обидам тоа да го објаснам од неколку аспекти, кои мислам дека можат да дадат објаснување за овој феномен.Сите мислиме дека добро го познаваме нашиот роден град, исто како што добро го познаваме нашиот мајчин јазик. Како може да не го знаете, веднаш ќе се прашате, па родени сте во него, си го знаете како вашата дланка. Ги знаете најпознатите места, најубавите кафулиња, легендарните маала.Затоа, секој ден без воопшто да размислувате, се движите по улиците на вашиот град, најчесто забрзано да стигнете на работа, на некој договорен состанок или едноставно да се вратите дома и да се одморите од гужвата. Најчесто ви се чини дека треба пола град да го поминете само за да стигнете до посакуваната дестинација.Но, размислите колку вистински го знаеме нашиот град и неговите улици. Земете ја само вашата неделна рутина. Сигурно секој ден одите до вашата работа, училиште или факултет и се враќате по истиот пат. За викенди, а може ако сте поактивни, и преку недела, излегувате навечер во град, што најчесто подразбира три локации: ГТЦ со улица Македонија, Дебар Маало и Чаршија. За шопинг се иде во Веро, Рамстор или ГТЦ, ако веќе не сте се организирале за Солун. Тука е неизбежното дневно кафе, кое ако држите до себе го пиете во град, кој се состои од истите места кои ги спомнав во радиус од 2 км. Се разбира, може да го испиете и во маалото каде што ги вршите секојдневните набавки во локалниот супермаркет или пазар. Убавото време знаете да го искористите да се качите на Водно, да се прошетате по градскиот парк или на излет до Матка ако е над 35 степени. На крај, тука е идењето на гости кај фамилијата или пријателите за ручек, слава, мекици кои може да се наоѓаат распослани по градот, ако не се земале или купиле стан во старото маало да бидат блиску до родителите за да можат да ги чуваат внуците. Сѐ на сѐ, ако сумирате, иако често се чини дека цел ден го поминувате во движење, вие се движите само по 5% од улиците на вашиот град.Дополнителен проблем е што тоа најчесто го правите со автомобил, автобус или велосипед, бидејќи сте секогаш во брзање да стигнете негде. Толку сме сите забрзани што ретко, речиси никогаш немаме време да погледнеме наоколу, да ја разгледаме околината, подобро да ги запознаеме улиците. Единствено кога застануваме, тоа е на семафор, но и тогаш ги броиме секундите до зеленото светло или зборуваме на мобилен. Нашата комуникација со градот е ограничена само на рутинското или на функционалното, ретко кога си даваме шанса да се опуштиме и да стапиме во слободен дијалог со него или пак едноставно да го оставиме да ни проговори. Секој град си има своја приказна, како што има и секој човек. Единствено што приказната на градот е содржана или раскажана со неговите улици, настаните и местата кои ги одбележале, но и луѓето кои живеат или живееле во него. Ако сакаме да ја слушнеме или пак да ја раскажеме на што подобар или посуштински начин, ние треба да се обидеме да ги запознаеме, да ги научиме, да ги запаметиме. Со еден збор, треба да го збогатиме вокабуларот за нашиот град, кој со оглед на се претходно кажано е доста сиромашен.