Со денови го сонував истиот сон и како касета премотана по сто пати ми се вртеше истата реченица од сонот „А сега, сеедно ли е?“. Сакав да кажам некому. Се тарашкав низ собата како ѓавол да ме бркаше. Дента надолго нашироко го поминав градот. Триста кафиња.
Вечерта пак сонував.
Истиот сон.
Истиот тој.
Истата бела кошула,црното сако.
Истиот бакнеж.
Истиот паркинг.
Истиот крај.
„А сега сеедно ли е?“
Одамна беше. Не сфаќав зошто од нигде никаде сонував. Чудно беше како оние зборови кои некогаш не сме можеле да ги кажеме, по некое време се единствените на кои мислиме.
По неколкуте разочарувања, верував дека секој град си има по една приказна, а секоја приказна има повеќе крај од колку почеток.Како партија карти. Една губиш, една добиваш. Крајот беше тоа што се запишува на лист хартија нели? Дали некогаш би се разочарал ако изгубиш партија карти? Не, нели? Листот со пишуванки би завршил во некоја канта. Секое чудо за три дена.
Се сеќавам кога пред толку месеци го закопав тој дел од мене. Кога ќе погледнам наназад се прашувам што живеев тогаш? Ги познавав ли доволно луѓето кои ми буричкаа во мене? Живеев на спомени и од спомените си ја градев иднината. Колку погрешно беше тоа. Ваљда до мене допираа само оние кои добро знаеле да одглумат. Кога и на последната шанса си ги потврдив сомнежите, завршив со тој дел од мене.
По една недела престанав да сонувам. Месец дена подоцна, сонот исто како и никогаш да не постоел. Беше зима се собравме кај една другарка. Алкохол, смеење, многу музика и по некоја пуш-пауза пред диско. Одиш накај паркинг, колата ти е блокирана. Чекаш десетина минути и забележуваш машка силуета како чекори кон тебе. И баш тогаш кога сакаш да се развикаш, слушаш едно млитаво „Еј здраво“ и истата бела кошула од сонот,истото црно сако.
Сакаш да си заминеш додека се обидува да ти каже нешто.
Ти вели застани, само едно нешто сакав да ти кажам и слушаш едно мизерно:
„Те сакав... Сеедно ли е?“
Тогаш сфатив, погрешните луѓе доаѓаат во вистинско време, додека вистинските во погрешно време. Суштината беше дека немаше право или погрешно време за љубов. Имаше само сега.
Доцниш, сакав да му кажам. Или сакаш или не сакаш. Не постои, ќе се засакаме полека, полека. Љубовта е сегашност. Да беше минато, веројатно ќе постевме и ние. И сега да. Сега веќе е сеедно.
Ништо не кажав. Само го допрев за рамото и си заминав. Знаев дека ќе ме разбере.