Со 3,3 тона рибна чорба Охрид во обид за Гинис
Сабота, 19 Јануари 2013 09:25
Околу илјада верници се очекува денеска да влезат во водите на Охридското Езеро, во обид да го фатат крстот што во осветените води ќе го фрли владиката Дебарско-кичевски Тимотеј.
Централната свеченост во прославувањето на големиот верски празник Свети Јован Крстител почна рано изутринава со свечени богослужби во сите парохиски цркви во Охрид и Дебарско-кичевската епархија, за големата црковно-народна манифестација да се префрли на Градското пристаниште во Охрид, со фрлањето на крстот предвидено некаде после 10 часот. И овојпат МПЦ за празникот има организирано групно крштевање на верници во водите на Охридското Езеро.
Богојавленските празнувања продолжуваат и во текот на утрешниот ден, со традиционалното капење на рибарите во езерото, со што своевремено се означуваше крајот на забраната за риболов за време на зимскиот мрест. Како и изминатите, така и оваа година за Денот на рибарите е предвидена и богата културно-забавна програма, со греано вино, топла ракија, пржени плашици и три буриња вино за највештите пливачи кои ќе влезат во езерото. Со 3,3 тона рибна чорба, приготвена од 750 килограми риба Охрид ќе се обиде да се впише во Гинисовата книга на рекорди.
Прославувањето на Богојавление – Водици и фрлањето на крстот во езерото во Охрид има долгогодишна традиција, последните десетина години популаризирана преку Здружението на граѓани за афирмација на МПЦ „Богојавление“ кое преку редица активности се обидува манифестацијата на фрлањето на крстот и Денот на рибарите да ја претвори во најмасовна во православниот свет.
Секоја година на Градското пристаниште во Охрид и на Кејот на езерото чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро и фрлањето на Светиот крст го следат илјадници верници, но и гости, туристи од целата земја и од странство. Бројот на присатните на манифестацијата варира, зависно од временските услови и од тоа во кој ден се паѓа празникот, но ретко бројката присатни била под десет илјади.
Се очекува и оваа година да е така, со уште поголема масовност поради тоа што празниците се паѓаат во викенд односно во неработни денови. Причина повеќе да се биде во Охрид за време на Богојавленските празнувања се и намалените цени на сместувањето во охридските хотели и сместувачки капацитети, како и на услугите во рестораните, кафулињата. Ноќевање за лице со појадок за време на празниците во хотелите изнесува десет евра, додека угостителите ќе одат со цени намалени и за 40 проценти.
http://ohrid1.com/ekskluzivna-vest/zapochna-osvetuva-eto-na-vodite-vo-ochridskoto-ezero