Јас да ви кажам дека си купив од оние балончиња ко баскети што се тапкаат и си се бркаме низ соба. Детска радост.
Нема да ви пишам којзнае што, се „простуваме“ само за неколку часа, после пак ќе е исто...единствено ако не навлеземе во некоја друга димензија, па да еволуираме, ко што беше предвидено за 21ви минатата година.
Епа жени, мажи, децо...толку од мене годинава.
Шуќур, знам.
Дали ќе сте „Нова Година - Нов/а Јас“ или не, бидете тоа во најдобро светло.
Заборавете го лошото што не може да го смените од изминатава година, а фокусирајте се на она што не сте успеале да го постигнете. Шанси секогаш има.
Желбите нека ви се исполнуваат постепено, за да има за што да сонувате.
Обично посакувам на луѓето да им шетаат згодни, голи жени и мажи по дома, ама срам ми е сега.
На форумов сакам да ве читам ко и претходно. Ни под разно не се менувајте за да се допаднете некому! Криво ми е за друг кога ќе видам згаснат капацитет поради напнати околности и осудувања. Вашиот квалитет е само ваш, а вашето мислење не вреди ништо помалку од туѓото - искажувајте го јасно и гласно.
Не сме еднолични и не функционираме ние без секоја една закачка, сериозност, мудрост и смешка.
А јас токму такви ве сакам, колку и да ви мрчам притоа.
Дозволете барем за празнициве да заборавите на грижите, да се посветите на блиските и да го оживеете детето во себе.
Ви праќам на сите од домашнава сарма, рафаело куглици и по еден лампион со мој лик, чисто за да не ви е сè така розово. Баланс да има.
Нек ви јутро мирише на мене.
Ајде, среќна Нова, Црно-Бел, а толку шарен свету.