Посреќна од кога било - Мена ван Праг
На сите оние кои им се допадна инспиративниот роман Мажи, пари и чоколада со сигурност ќе уживаат и во оваа волшебна и интересна приказна од истата авторка. Мај веќе има сѐ што од секогаш посакувала: пари, популарност, совршено момче, нормална телесна тежина... но сепак нешто недостасува.
Иако има сѐ што сака, лошите духови од минатото сепак се враќаат, сѐ против кое веруваше дека успеала да се избори се враќа назад и ја следи како сенка. Мај не успева да одолее на новите искушенија и паѓа во нивната стапица. Славата и парите се како дрога и кога еднаш се навлекуваш на неа тешко е да се откажеш.
Токму ова ѝ се случува на Мај кога нејзината самоиздадена книга Мажи, пари и чоколада добива светска слава.
Мај заборава на вистинските вредности на животот како што се: семејството и нејзината врска со Бен кој и покрај сѐ е лудо вљубен во Мај. За среќа, тука се луѓето кои ја сакаат за да ја сопрат и да ја натераа повторно да биде старата Мај.
Во нивните мудри и инспиративни совети ќе успееме да пронајдеме и некој совет за нас, ќе успееме да се пронајдеме во некои делови од книгата и секако да ја искористиме пораката која ја носи таа. Ова е убав, топол и инспиративно – психолошки расказ кој ја храни душата на читателот.
Доколку сте љубители на ваков тип на книги тогаш уживајте во неговото читање.
Летни лаги - Бернхард Шлинк
Љубителите на европската книжевност нема да згрешат доколку се вовлечат во неверојатниот свет на Бернхард Шлинк. Од креаторот на неверојатната сторија Читачот и романот Викенд, љубителите на германскиот автор ќе го обожаваат и неговото најпоследно книжевно дело, збирката раскази Летни лаги.
Во сржта на овие исклучително јасни, прекрасни раскази со проткаени со меланхолија е нежното разоткривање во лагите во кои живееме. Во нив Шлинк ги одзема сите илузии освен една - дека постои вистина.
Приказната започнува со приказна за жена, која сфаќа дека она што ѝ давало смисла на нејзиниот живот, повеќе не ѝ дава.
Поаѓа во потрага за човекот во кого била вљубена како студентка. Исто така тука е и приказната за еден син, кој конечно сака да дознае кој му е татко и да појде на пат со него. Потоа следува приказна за човек со неизлечлива болест, кој организира заедничко лето со своето семејство за да го напушти животот додека сѐ уште е убав.
Како да се ослободиш од прангите кои те врзуваат за стариот живот, кога една подоцнежна љубов ти ветува нов? Зошто еден млад човек и татко се обидува да ја скрие успешната сопруга од светот? Што го тера љубовникот постојано да ја лаже саканата за да ја загуби на крај, а и себеси во лагите. Човек во авион ја слуша исповедта на неговиот сопатник - или можеби слуша купишта лаги?
Ова неверојатно возбудливо дело од современиот книжевен раскажувач може да се најде во македонски превод во книжарниците на Или-Или.
Некој како тебе - Сара Десен
Ова е книга за едно вистинско пријателство помеѓу две другарки, пријателство кое трае уште од детството. Во ова дело може да се види вистинската вредност на пријателството кое трае цел живот.
Хали и Скарлет се најдобри другарки кои делат сѐ. Тие живеат една наспроти друга, одат во исто училиште, си ги доверуваат сите свои тајни и се неразделни. Хали е повлечена и тивка девојка која помалку е зависна од присуството на Скарлет во својот живот, таа во било која ситуација се потпира на неа и очекува помош од својата другарка.
Скарлет пак е поотворена и похрабра. Но една случка ќе ги измеша нивните улоги и Скарлет ќе биде таа на која ќе ѝ биде потребна помошта на Харли. Во една сообраќајна несреќа загинува Мајкл Шерву, момчето на Скарлет, а таа е скршена од тага.
Се разбира Хали е постојано покрај својата пријателка за да ѝ ја даде својата поддршка. Но во животот на Хали се појавува Мејкон Фокнер - најдобриот пријател на Мајкл. Хали се вљубува во него и тие започнуваат врска. Таа повеќе не е истото страмежливо девојче од порано, сега е нова и поинаква Хали, но постои нешто чудно, необично и непознато во врска со Мејкон кое ѝ буди сомнежи.
После некое време од смртта на Мајкл, Скарлет открива дека е бремена и дека ќе има негово дете.
Нејзината мајка не се согласува со тој факт бидејќи Скарлет е премногу млада, но сепак одлучуваат таа да го роди своето дете. Хали е таа која е тука за да ѝ помогне во тешките денови кои следуваат. Останатото ќе мора да го откриете сами доколку се решите да ја прочитате оваа книга.
Морам да нагласам дека книгава ми се допадна, но не многу, бидејќи е премногу тинејџерска за мојот вкус. Но сепак, лесно и брзо се чита и вреди да ја имате во својата библиотека бидејќи во неа се крие една убава и поучна порака.