Една од моите омилени теми за разговор со помлади луѓе кои штотуку почнуваат со работа.
Дали знаете колку компании кај нас се шлепаат со бесплатна работна сила од студенти со тоа што ги лажат дека три месеци ќе треба да имаат пракса/обука, па после да ги заведат ко вработени за минималец?
Минималецот и не е проблем, сите сме почнале од некаде, но ние молчиме за овој „тренд“ каде газди менуваат 3-4 вработени годишно со овој муабет и така се во огромен ќар од неплатената т.н. обука, што реално може да се заврши и за недела или да се учи и сепак да се плаќа. И така многу млади мислат дека е нормално и прифаќаат, за да бидат заменети со други после истечениот период или толку да им се смачи, што самите се откажуваат и така во круг.
Кај треба да пресечеме, а сепак да е културно?
Еве пред 3 недели некаде ми пиша регрутерка, биле импресионирани од мојот труд што го прочитале и дали сум заинтересирана да соработувам со нив за сео и маркетинг, па бидејќи сум фриленс секако и си го распоредувам времето, реков што да не за парт-тајм.
И тука иде делот да им пратам два пример текста, средени за маркетинг, со линкови, со клучни зборови, а-у... Епа нели сте ја читале мојата работа и сте импресионирани, вие мене ме баравте?
Но ајде, нема проблем за 400-500 збора, им пратив. Пред некој ден ми стига автоматски мејл ко јас да сум аплицирала, она у стил „Благодариме, ја разгледавме вашата апликација, но решивме дека не е за нашата фирма.“
Е, ама пошто (малку доцна) ми текна според името дека е истата типка лани што сакаше другарка ми да ја заглави со некоја смешна сума за којзнае колку текстови неделно, ќе почекам да се индексира, па ќе си ги пребарам текстовите, па само ако ги објавиле, има во топ да одат. И не е ова изолиран случај туку многу, многу често.
Знам дека луѓе многу се плашат дека ќе останат без работа и нема да дојдат до подобра, но газди и фирми тоа само го користат.
На крајот на денот, битно е да се запомни дека ним им се потребни работници за да опстане фирмата, не обратно.
Што е до мене, попрво ќе си продавам на пазарче ако е солиден работодавецот, отколку да дремам месеци „на пракса“ каде ништо не ме учат и можеби дури знам и повеќе од нив.